• понеделник, 23 декември 2024

Брегу: Почна намалувањето на цените за роаминг меѓу Европската  Унија и Западен Балкан

Брегу: Почна намалувањето на цените за роаминг меѓу Европската  Унија и Западен Балкан

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Како значаен исчекор кон регионална соработка и достапност на мобилната комуникација, Декларацијата за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, потпишана на самитот ЕУ-ЗБ во Тирана на 6 декември 2022 година, официјално стапи во сила и го означи 1 октомври 2023 година како ден на промените.

Како што соопштија денеска од Советот за регионална соработка  (СРС), по речиси една година заедничка работа, под покровителство и со поддршка на СРС и Европската Комисија, како и со политичка поддршка од ЕУ и ЗБ, телекомуникациските оператори, како од ЗБ така и од ЕУ, не само што ги исполнија одредбите од Декларацијата, туку во многу случаи и ги надминаа очекувањата. 

Декларацијата за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан, се наведува, ги намалува трошоците за мобилни податоци и ја поттикнува регионалната поврзаност. 

- Од овој октомври горната граница на цените за 1 ГБ податоци во роаминг, во рамки на посебните понуди и пакети, во согласност со Декларацијата за роаминг, не би требало да надмине 18 евра, со што меѓународните патувања и комуникацијата ќе ја направи значително поекономична. Во многу случаи ограничувањето на цената од 18 евра,  во рамки на посебните понуди и пакети, оди и значително пониско, до 1,6 евра за 1 ГБ, додека три оператори од Западен Балкан освен цените во рамки на пакетот, ги намалија дури и редовните цени за дополнителни  услуги, се појаснува во денешното соопштение.

- Ова го најавив речиси пред една година, со зборовите дека "цените на услугите  за роаминг меѓу ЕУ и ЗБ ќе паѓаат со есенските лисја" и, ако некој се сомневаше, мило ми е што денеска моите зборови го разведуваат. Овој клучен настан веќе ја менува сликата за размена на мобилни податоци за граѓаните и патниците. Успехот на Декларацијата за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан сведочи за моќта на регионалната соработка која ја менува комуникацијата на подобро и покрај соочувањето со сложени предизвици. Оваа пресвртница доаѓа во момент на политички тензии, економски превирања и се поширок спектар на климатски промени во регионот, со што уште повеќе се нагласува важноста на регионалната и евроатланска соработка, вели генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу во текстот „Повик од регионот во моите мисли: Премостување на јазот – роаминг револуција на Западен Балкан“.  

Додека го славиме ова постигнување, нагласува таа, им оддаваме признание за посветеноста на сите вклучени страни, посебно на телекомуникациските оператори, и се радуваме заради подобро поврзаната, подостапна и попристапна иднина за сите. 

- Еден од телекомуникациските оператори во Северна Македонија ја намали цената за 1 ГБ во рамки на некои од неговите роаминг пакети во земјите на Европската Унија до 66 проценти. Ценети сега се движат меѓу 3,8 до 4,9 евра за 1 ГБ во рамки на роаминг пакетот на ЕУ за корисници од Северна Македонија, што е значително под договорената горна граница за цената, стои меѓу другото во соопштението.

Оваа Декларација има за цел значително намалување на надоместот за размена на податоци во роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан. Целта е до 2028 година  цената на роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан да се приближи до домашните цени. цр/лв/

Фото: СРС

Остани поврзан