• недела, 28 јули 2024

Брегот на Дебарско Езеро прекриен со угинати школки

Брегот на Дебарско Езеро прекриен со угинати школки
Дебар, 10 ноември 2021 (МИА) - Поради големиот пад на нивото на Дебарско Езеро, брегот е преплавен со угинати школки, појава која добива загрижувачки размери. Угинати школки можеа да се видат и изминатите години, но во многу помал обем, од оној кој е присутен последните неколку години, кога нивото на езерото се намалува по 100 и повеќе метри. -Нивото моментно е намалено за најмалку 150 метри. Тоа секако има директно негативно влијание врз флората и фауната. Еве и сами гледате каква жална слика е ова, не се гледа песок од угинати школки. До каде ќе оди ова не знам. Редовно реагираме, но никој не презема никаква активност за заштита на потребното ниво на езерото кое ќе гарантира нормален живот на флората и фауната во езерските води, вели Дритан Боцку, претседател на спортското риболовно друштво „Трофта“ и концесионер на езерото. Проблемот со намалувањето на нивото на езерото е тема на расправа на многу граѓански организации, но и на Советот на општината, на кои се констатира дека тоа е последица на неконтролираното користење на водата од страна на ХЕ „Шпилје“ за производство на електрична енергија. На последното барање на Советот упатено до ЕСМ во одговорот стои дека строго се почитува предвидениот минимум на нивото на водата. Несомнено врз намаленото ниво на езерото секако директно влијание има и долгиот сушен период, што условува намален дотек од реките Радика и Црн Дрим, како и останатите помали реки и потоци кои се влеваат во езерото. вт/мд/

Остани поврзан