• петок, 27 декември 2024

Бојмацалиев: ОВР Крива Паланка работи со висок процент на успешност

Бојмацалиев: ОВР Крива Паланка работи со висок процент на успешност

Крива Паланка, 12 април 2024 (МИА) – Според информациите од одговорните во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка, работењето на територијата на оваа општина бележи импозантни бројки и над 70 отсто ефикасност во работењето, што претставува поголема ефикасност во споредба со минатата, 2023 година, изјави дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој денеска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, ја посетија Крива Паланка. 

Со тоа, како што рече Бојмацалиев, уште еднаш се потврдува тезата дека со опремена и добро мотивирана полиција имаме побезбедни граѓани.

-Тука е и фактот дека сите полициски станици на територија на СВР Куманово, каде спаѓа и Крива Паланка, се реконструирани, посочи дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи.

Бојмацалиев и Тасевски остварија работна средба со раководствата на Одделение за внатрешни работи Крива Паланка и ПС Граничен премин Деве Баир.

- Бев информиран и дека оперативниот штаб за претстојните претседателски и парламентарни избори е формиран и комплетиран, функционира и се преземаат сите неопходни работи со цел и граѓаните и политичките партии да бидат безбедни, како за време на тековната кампања, така и на денот на изборите, додаде Бојмацалиев.

Рече, она што се говори постојано и на што работи раководството во МВР се сплотеност и ефикасност, во интерес на граѓаните и безбедноста.

На прашање за тоа дали процесот со личните документи се одвива со очекувана динамика, посочи дека, според неговите информации од терен, стигнуваат поплаки од граѓаните дека, сега, откако ќе се сликаат чекаат и по повеќе од два месеци, така што, нагласи, она што министерот од оваа техничка влада го најавуваше, не направи никакви револуционерни процеси, какви што ветуваше, за решавање на процесот. ид/ир

Фото: МИА

Остани поврзан