• сабота, 23 ноември 2024

Бојмацалиев и Дујовски: Унапредувањето на одличната соработка на двете институции е во интерес на безбедноста на државата и граѓаните

Бојмацалиев и Дујовски: Унапредувањето на одличната соработка на двете институции е во интерес на безбедноста на државата и граѓаните

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев денеска оствари работна посета на Факултетот за безбедност - Скопје при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, а негов домаќин беше деканот на факултетот проф. д-р Никола Дујовски заедно со продеканите.

-Средбата претставува континуитет на одличната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи  и Факултетот за безбедност, особено од 2017 година наваму со посебен акцент на големиот број реализирани заеднички проекти со институцијата задолжена за образување на кадар од областа на безбедноста која со право го носи епитетот најреномирана образовна институција во земјата, се вели во денешното соопштение од МВР.

Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев истакна дека изминативе години преку лично залагање на претходниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски и раководството на МВР голем број студенти преку различни програми станаа дел од системот на безбедноста на државата продолжувајќи ја професионалната кариера во Министерството и другите безбедносни агенции.

-МВР е институцијата која се грижи за безбедноста и сигурноста на граѓаните и државата. За да ги реализираме основните стратешки цели потребни се најдобрите кадри од областа на безбедноста со висок интегритет, впрочем какви што креира Факултетот за безбедност, нашата најстара и најреномирана високообразовна институција од областа на безбедноста. Продолжуваме и во иднина со оваа соработка и преку  вакви иницијативи ќе го користиме знаењето на науката и академијата во креирањето на идните безбедносни политики и планови, истакна на средбата Бојмацалиев.

Деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски ја поздрави средбата и, како што рече, посветеноста кон унапредување на соработката која во минатите години била повеќе од одлична.

-Нашите две институции МВР и Факултетот за безбедност веќе неколку години се пример како треба да изгледа соработката меѓу институциите. Ние како Факултет и академска средина подолг период интензивно учествуваме во креирање на политиките на Министерството со цел пренесување на академското знаење врз практичните аспекти на безбедноста на државата. Од 2017 наваму голем број дипломирани студенти ја продолжиле својата кариера како дел од структурите на Министерството за внатрешни работи и уверени сме дека и сите наредни генерации на дипломирани студенти ќе имаат можност своите академски знаења да ги реализираат во рамки на Министерството.Веруваме дека оваа  соработка ќе продолжи да се интензивира во повеќе области како и досега, потенцира деканот Дујовски.

Во насока на претстојните двојни избори, дополнителниот заменик министер Бојмацалиев истакна дека МВР како институција која има обврска да обезбеди мирни фер и демократски избори е целосно подготвена за тоа како реформирана, транспарентна  институција во кога граѓаните имаат огромна доверба и заедно се согласија дека вистинскиот пат на нашата држава како земја членка на НАТО е да го продолжи својот пат кон просперитетот како дел од Европската Унија. сст/са/

Фото: МВР

Остани поврзан