• среда, 25 декември 2024

Бојмацалиев: Безбедносната состојба на територија на СВР Тетово е поволна, граѓаните се безбедни

Бојмацалиев: Безбедносната состојба на територија на СВР Тетово е поволна, граѓаните се безбедни

Тетово, 29 февруари 2024 (МИА) - Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски денеска беа во работна посета на подрачјето што го покрива Секторот за внатрешни работи Тетово.

Тие на средба со раководствата на СВР Тетово и ОВР Гостивар разговараа за безбедносната состојба.

- Од минатата недела со директорот на БЈБ Сашо Тасевски почнавме серија посети на сите СВР, почнавме во Куманово, денес во Тетово, а ќе ги посетиме сите СВР да се запознаеме со безбедносната состојба на територија на која постапува СВР и да ги дадеме нашите јасни насоки за идното постапување во оваа техничка Влада. Од раководството на СВР Тетово и началникот бевме информирани за безбедносната состојба на територија на СВР Тетово која е поволна и ги задоволува критериумите и да кажеме дека граѓаните се безбедни, изјави Бојмацалиев.

Тој рече дека СВР Тетово има голем број успешни акциски контроли во повеќе области во последните два месеци.

- На раководството ја пренесов истата порака дека треба да работат исклучиво согласно законот и да бидат на страна на граѓаните и законот. Да не подлегнуваат на никакви притисоци од одредени политички партии бидејќи ние им служиме на граѓаните да бидат тие безбедни и да го остварат своето право на глас. Така што, таа е пораката која сум ја праќал и секогаш ќе ја праќам кога имам средба со одредено раководство на СВР. Исклучиво по закон и исклучиво да се работи во интерес на државата и граѓани и на никој друг, истакна Митко Бојмацалиев.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи информираше дека во областа на недозволена трговија имало 16 акции на територија на СВР Тетово. Во 21 угостителски објект при акциски контроли откриени се 27 лица странски државјани кои нелегално престојуваат и работат. ас/цр

Фото: МИА 
 

 
 

 
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан