• среда, 25 декември 2024

Бочварски: Инвестиции во инфраструктура и модерни системи за поврзување на регионот

Бочварски: Инвестиции во инфраструктура и модерни системи за поврзување на регионот

Скопје, 1 март 2023 (МИА) - Со инвестиции и соработка ќе овозможиме поврзување и интеграција на регионот, пократко патување за граѓаните и за бизнисот. Доколку сакаме да бидеме вистинска транзитна држава и во делот на патиштата и во делот на железничката инфраструктура треба да ги следиме сите нови модерни системи, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пред учесниците на Економски форум Скопје.

Зборувајќи за неопходноста од поврзување на  регионот Бочварски ги претстави тековните  и идни активности и проекти на државава за изградба и модернизација на  патната, железничката и гасоводната инфраструктура.

Тој очекува годинава да почне градбата на првиот гасен интерконектор помеѓу Северна Македонија и Грција, од Неготино до грчката граница, за кој што во декември лани беше одобрен инфраструктурниот проект за трасата. Проектот, истакна, е особено значаен со оглед дека моментно имаме само едно интерконективно поврзување со Република Бугарија. 

 -Го завршивме гасоводот во декември до Битола, а годинава ќе завршиме и со кракот кон Гостивар со што полека работиме на затворање на целиот прстен со продолжување на краците и кон Кичево и на крајот до Охрид со цел да се заокружи прстенот за изградба на магистралните гасоводи, рече Бочварски.

Министерот за транспорт го истакна и значењето на неодамнешното приклучување на Коридорот 8 во мапата на главните коридори на Европската унија, како и стартот на изградбата железничката пруга од Куманово до Крива Паланка, инвестиција со вредност од околу 200 милиони евра.

-Покажуваме на дело дека во време на криза најдобриот ефект или најдобрата политика за да се справиме со секоја криза е вложување во инфраструктурата, особено во капиталните инвестиции, коишто имаат повратен бенефит во економијата, рече Бочварски.

Се работи и на проектирање за проектот Интелегентен транспортен систем ИТС што ќе биде поставен на патниот Коридор 10 за што се обезбедени средства од Светска банка. Постапката за избор на изведувач се очекува да биде распишана годинава.

 - Ова ќе биде прв ваков проект во државата што ќе биде од исклучително значење и помош на сите оние коишто транзитираат низ државата. Доколку сакаме да бидеме вистинска транзитна држава и во делот на патиштата и во делот на железничката инфраструктура треба да ги следиме сите нови модерни системи што денеска ги имаат и околните, но и европските држави, порача Бочварски.

Министерот за транспорт наведе дека се и работи на подобрување на граничните премини Деве Баир и Ќафасан и оти на ГП Табановце се работеше на отворање дополнителни ленти за побрз пропуст на патничките и товарните возила.  

-Очекувам бенефити од политиките на интеграција и на соработка на целиот регион, помеѓу сите земји од регионот, на Отворен Балкан што како иницијатива го започнавме со Србија и Албанија. Тоа е еден проект што ќе ги постигне целите конечно со влегувањето на сите земји во ЕУ да ги отвориме границите за да придонесеме сите  патници многу поскоро  да стигнат до посакуваната дестинација, да го скратиме времетраењето во товарниот транспорт. Да овозможиме што е можно повеќе отворени граници и пократко патување за нашите компании и за нашите сограѓани. Тоа е бенефитот од соработката помеѓу сите земји во регионот, рече Бочварски. Ги наброја и активностите за изградба на патиштата и потсети на важноста од добро планирање и проектирање за да има успешна и навремена реализиција. 

 Во државава, како што посочи, сме имале и подобри, но и полоши примери.

-Еден од примерите за којшто можеме да се пофалиме е експресниот пат од 64 милиони евра од Штип до Радовиш којшто заврши четири месеци пред рокот, бидејќи имавме добар проект, добро менаџирање на трасата и проблемите се надминуваа во од. Имаме и лоши примери коишто релативно ни одземаат енергија и време во одолжување со работа и тоа е автопатот Кичево – Охрид којшто од отпочнување со работа на трасата  во тек на градба направивме репроектирање на 25 проценти од трасата додека механизацијата веќе беше на терен, а од друга страна решивме преку 3.400 експропријации, рече Бочварски и дополни дека очекува  годинава да се реализира планираниот износ на капитални инвестици што се проектирани на 800 милиони евра.лв/аа/

Фото: Министерство за транспорт и врски

 

Остани поврзан