• понеделник, 23 декември 2024

Бочварски: Добрата подготовка за старт на градежните работи е клучна за реализација на секој проект

Бочварски: Добрата подготовка за старт на градежните работи е клучна за реализација на секој проект

Скопје, 20 јуни 2023 (МИА) – Добрата подготовка за старт на градежните работи е клучна за реализација на секој проект, па и на проектот за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д. Токму тоа се случува во моментов со коридорите 8 и 10д каде се работи на геомеханички истраги на терен од кои треба да се добијат точни податоци за теренот на делницата Прилеп-Битола и за делницата Тетово-Гостивар-Букојчани, истакна вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Порача дека е важно на терен да се направат сите потребни детални истраги, па потоа да се започне со работа за да може брзо и ефикасно да се реализира проектот.

Со конзорциумот „Бехтел и Енка“, како што кажа, има целосно нов концепт за реализација на проектот за изградба на автопатите и наместо како досега да се реализираат со веќе изработени проекти, кои некогаш се многу постари и не соодветствуваа со реалната состојба на терен, поради што се случуваа непредвидени сценарија, сега сите четири фази на реализација ќе одат паралелно – проектирање, урбанистички проекти, подготовката на експропријацијата на земјиштето и фазната градба. Овој концепт, потенцира, првпат е воведен во државата и на изведувачот ќе му делегира право да проектира и да гради.

-Во програмата на Владата е утврдено дека на „Бехтел и Енка“ ќе им се плаќа во транши од страна на Владата преку Министерството за транспорт и врски до Јавното претпријатие за државни патишта кое потоа теренски ја следи реализацијата преку своја проектна единица која работи во директна конверзација со изведувачот и им префрла средства. До овој момент им е исплатена една транша од 117 милиони евра која е на име на аванс за подготвителни градежни работи за отпочнување со мобилизација, за отпочнување со геомеханички истраги и отпочнување со проектантски услуги, како и сите други постапки кои се неопходни за да започне и брзо да се реализира овој проект, рече Бочварски за ТВ Сител.

Тој додаде дека надзорот е во функција, целосно ја следи работата на изведувачите и е во координација со Јавното претпријатие за државни патишта и со компанијата изведувач уште со склучувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10д.

Нагласи дека Јавното претпријатие за државни патишта и Јавното претпријатие за реконструкција на магистрални и регионални патишта константно работат на санација и реконструкција на мостовите во земјава и додаде дека во изминатите неколку месеци се реконструирани и санирани 10-тина мостови кои беа дотраени и им требаше поголема или помала реконструкција.

Вети дека до крајот на годинава ќе заврши реконструкцијата на автопатот од Катланово до Петровец, а до април идната година, па дури можеби и порано делот од Демир Капија до Давидово и дека најдоцна до 10 јули, пред почетокот на шпицот на туристичката сезона, ќе биде готов и автопатот од Подмоље до Охрид, кој во моментов е затворен за сообраќај.

-На делницата од Подмоље до Охрид ќе се работи постојано колку што е потребно во текот на денот. Ќе се работи и преку викендите, бидејќи во претходните денови имавме лоши временски услови, и до 10 јули ќе ја завршиме изградбата на овој дел, рече Бочварски. вј/нд/

Фото: Принт скрин

Остани поврзан