• сабота, 23 ноември 2024

Борел: Меѓународните правила никогаш не биле вака игнорирани како денес

Борел: Меѓународните правила никогаш не биле вака игнорирани како денес

Њујорк, 24 септември 2024 (МИА) - Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, како домаќин на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека меѓународните правила никогаш не биле толку занемарени како денес.

„Светот беше погоден од многу кризи, до таа мера што меѓународните правила никогаш не биле толку занемарени. Меѓународниот систем на правила никогаш не бил толку слабо спроведен и почитуван. Вчера светна светлина на надеж: усвојувањето на 'Пактот за иднината' укажува на тоа дека постои голема побарувачка за мултилатерализам значи дека секој го има својот глас, дека сите ги земаат предвид интересите на сите, а не само на големите сили“, рече Борел.

Тој додаде дека „Европејците имаат посебна одговорност кон граѓаните во светот бидејќи мултилатералниот систем, кога функционира, носи мир и стабилност“.

Во однос на војната во Украина, Борел рече дека ситуацијата е критична.

„Ситуацијата е критична. Путин продолжува да ја бомбардира инфраструктурата што произведува струја за Украинците. Речиси две третини од капацитетот за производство на енергија се уништени. Сигурен сум дека тој се обидува да ја ослабне волјата на украинскиот народ така што ги турка во студот и темнината во текот на зимата“, рече Борел.

Кога станува збор за Блискиот Исток, тој изјави дека ситуацијата на границата (на Израел) со Либан и во Бејрут станала „многу загрижувачка и опасна, со многу цивилни жртви“. „Во моментов сме сведоци на голем егзодус на луѓе кои се движат од јужен Либан кон север. Воздушните снимки од автопатите во јужен Либан покажуваат голема толпа луѓе, огромен метеж од луѓе кои бегаат додека се предупредени дека израелските сили ќе ги бомбардираат сите цели поврзани со Хезболах. Од друга страна, повеќе од 100.000 луѓе во Израел веќе се принудени да ги напуштат своите домови поради нападите на Хезболах“, додаде Борел.

Високиот претставник на ЕУ рече дека „двете страни продолжуваат да се борат, а бомбардирањето на Бејрут предизвика голем број цивилни жртви“.

„Ризикот од регионално ширење на конфликтот се зголемува. Има пат кон безбедноста за двете страни, а тоа е резолуцијата на Советот за безбедност. Јасно е дека Хезболах сноси значителен дел од одговорноста за нападите врз Израел, но овие напади се продолжение на војната во Газа, која се шири во целиот регион, влијаејќи на Црвеното Море, Либија и Западниот Брег, каде ситуацијата се повеќе е надвор од рамките на Обединетите нации и позициите на Европската унија. Ќе разговараме за ова за да ги ослободиме заложниците, да ја овозможиме хуманитарната помош и да го започнеме политичкиот процес. Не можеме да чекаме за прекин на огнот, кој знае кога тоа ќе се случи“, истакна Борел. паг/

Фото: ЕПА

 

Остани поврзан