• сабота, 23 ноември 2024

Борел: Барам транспарентна истрага за неправилностите, притисоците и заплашувањата на гласачите на изборите во Грузија 

Борел: Барам транспарентна истрага за неправилностите, притисоците и заплашувањата на гласачите на изборите во Грузија 

Брисел, 30 октомври 2024 (МИА) – Луѓето во Грузија со месеци ја демонстрираат својата приврзаност кон демократските вредности и кон напредок на нивната земја на патот кон ЕУ, па затоа заслужуваат јасност за изборниот процес и легитимитет на идната влада, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во врска со, како што оцени, „многу загрижувачките случувања“ во оваа поранешна советска република по парламентарните избори одржани во саботата.

- Барам транспарентна истрага. Централната изборна комисија на Грузија и релевантните власти мора да ги истражат пријавените неправилности, притисоци и заплашувања на гласачите, кои влијаат на довербата на јавноста во (изборниот) процес. Тие неправилности мора да се решат брзо, транспарентно и независно, наведува Борел. 

Тој додава дека меѓународните набљудувачи пријавија прекршувања за време на предизборната кампања и во текот на изборниот ден, како и дека тие „не ги прогласија изборите за слободни и фер“. 

- Грузија е земја кандидат за членство во ЕУ и како таква треба да ја покаже својата посветеност на европските вредности, почнувајќи со целосна транспарентност во изборниот процес. Интегритетот на изборите и почитувањето на владеењето на правото се камен-темелник на демократијата и составен дел и основи на пристапниот пат кон ЕУ, додава Борел. 

Според високиот претставник на ЕУ, важно е протестите во Грузија и владината реакција на нив да останат мирни.  

- Демократското назадување во земјата треба да се промени и да се гарантира погоден амбиент за медиумите, граѓанското општество и опозицијата, кои го сочинуваат плуралистичкото демократско општество, наведува Борел. 

Тој воедно посочува и дека за случувањата во Грузија се расправало на вчерашниот вонреден состанок на Политичкиот и безбедносен комитет, како и дека ова прашање ќе биде на дневен ред и на ноемвриското заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан