• сабота, 23 ноември 2024

Борбата против шверцот на дрога и оружје и илегалната миграцијата и е-правдата, главни теми на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан во Будва 

Борбата против шверцот на дрога и оружје и илегалната миграцијата и е-правдата, главни теми на Министерски форум ЕУ-Западен Балкан во Будва 

Брисел, 29 октомври 2024 (МИА) - Европската Унија и земјите од Западниот Балкан ја реафирмираат своја силна регионална посветеност и блиската соработка во областа на правдата и внатрешните работи, се наведува во заедничката изјава од состанокот на министрите за внатрешни работи и за правда на државите од регионот и на Унгарија, во својство на актуелен претседавач на ЕУ, одржан вчера и денеска во црногорскиот град Будва. 

На годишниот Министерски форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи присуствуваа и еврокомесарите за внатрешни работи и за правда, Илва Јохансон и Дидие Рејндерс, како и претставници на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на агенциите на ЕУ и на Полска и Данска, како следни претседавачи со Унијата во 2025 години. Како гости на состанокот присуствуваа и делегации на Клириншката куќа за контрола на малокалибарското и лесно оружје во Југоисточна и Источна Европа (СЕЕСАЦ) и на Советот на Европа. Земјава ја претставуваа министрите за правда и за внатрешни работи, Игор Филков и Панче Тошковски.

На средбата станало збор за борбата против транснационалниот организиран криминал и недозволената трговија, справувањето со илегалната миграцијата, контролата на границите, за дигитализацијата во секторот правда и за прекугранична судска соработка во кривичните постапки. 

Во врска со борба против транснационалниот организиран криминал и недозволената трговија учесниците се согласија да продолжат да ја зајакнуваат соработката за да се спротивстават на регионалните и транснационалните криминални мрежи вклучени во недозволена трговија, вклучително и во криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и шверцот на дрога и оружје.  

- За таа цел ќе продолжат заедничките напори, особено преку Европол и во рамките на Европската мултидисциплинарна платформа за справување со криминални закани (ЕМПАКТ). Справувањето со феноменот на дрогата бара базиран на докази, интегриран, мултидисциплинарен и избалансиран пристап, со цел да се намали и понудата и побарувачката на наркотици, како и штетите поврзани со нив, се наведува во заклучоците.  

Дополнително се посочува и дека ЕУ го поздравила усвојувањето на втората фаза од Патоказот за сеопфатна контрола на малокалибарското и лесно оружје во регионот до 2030 година, одобрена од сите партнери на Унијата од Западниот Балкан. 

Европската Унија и земјите од регионот го поздравиле и напредокот постигнат во имплементацијата на Акцискиот план за миграција и азил за Западниот Балкан и ја повториле нивната заедничка посветеност за справување со илегалната миграција, со цел да се зајакне заштитата на границите и да се засили борбата против криумчарењето мигранти.  

- Дискусиите се фокусираа на тековните напори за воспоставување одржливи системи за азил и прием и за обезбедување ефективно враќање на мигрантите без право на престој во нивните земји на потекло. Европската Унија потсети на својата зголемена политичка и финансиска поддршка на регионот во областа на миграцијата и ги повика партнерите од Западен Балкан да напредуваат кон усогласување на нивната визна политика со онаа на ЕУ, со оглед на покажаниот ефект дека усогласувањето на визните политики придонесува за намалување на илегалните преминување на границите долж балканската мигрантска рута, се вели во заклучоците. 

Покрај тоа, претставниците на ЕУ ги информирале своите колеги од Западниот Балкан за новиот Системот за влез и излез во Унијата (EEС), за Европскиот систем за информации и овластувања за патувања (ЕТИАС), како и за напредокот кон усвојувањето на новиот Заеднички акциски план за борба против тероризмот на Западниот Балкан за 2025 година. 

Претставниците на Европската Унија и на Западниот Балкан разговарале и за дигитализацијата на секторот правда и размениле на мислења за „можностите и главните предизвици на потенцијалот за користење на интероперабилни решенија и нови дигитални технологии, вклучително и вештачката интелигенција“.  

- Европската унија ги охрабри партнерите од Западот Балкан да усвојат стратегии за е-правда, да ги ажурираат постојните и да продолжат стабилно да напредуваат во дигитализацијата на судските системи, целосно искористувајќи ги сите расположливи средства и постојните инструменти за е-правда, се наведува во заклучоците. 

Учесниците на Форумот биле информирани и за напорите на ЕУ за дигитализација на правосудните системи и за електронскиот пакет на докази, како и за Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачката интелигенција и човековите права, демократијата и владеењето на правото. 

Во однос на прекуграничната судска соработка во кривичните постапки е изразена посветеноста за нејзино зајакнување, со фокус на истрагите и гонењето поврзани со борбата против организираниот криминал.  

- Партнерите од Западниот Балкан беа охрабрени да ја подобрат ефективноста на нивниот одговор на транснационалниот организиран криминал, истовремено подобрувајќи ја соработката помеѓу различните јурисдикции и обезбедувајќи ги правата на жртвите на криминалот, во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, се додава во заклучоците. 

Претставниците на Европската Унија информирале за ревизијата на Директивата за правата на жртвите и презентирале некои од мерките и активностите спроведени во рамките на Патоказот на ЕУ за борба против организираниот криминал и трговијата со дрога.  

- Европската Унија ги повика партнерите од Западниот Балкан да ги засилат своите напори во спроведувањето на релевантните реформи и во зајакнувањето на прекуграничната соработка во кривичната правда, особено со користење на сите можности за соработка со агенциите и телата за правосудство и внатрешни работи (Евроџастис, Европол и Канцеларијата на европското јавно обвинителство). Страните се осврнаа и на можностите за понатамошен ангажман со трети земји, меѓу другото и од Латинска Америка, се вели во документот. 

Дополнително, претставниците на ЕУ информирале за најновите случувања поврзани со правдата, како одговор на руската агресија врз Украина, вклучително и за спроведување на рестриктивните мерки, координативните активности на Евроџастис во истрагата и гонењето ма одговорните за злосторства во Украина.  

Европската Унија ги покани партнерите од Западниот Балкан да придонесат за тоа со своја експертиза, да соработуваат за спроведување на рестриктивните мерки и да ја поддржат Евроџастис во координацијата на истрагата и гонењето на одговорните за воени и другите тешки злосторства извршени во Украина, се додава во заклучоците. 

Дополнително, претставниците на Полска ги информирале учесниците на Форумот за приоритетите на претстојното полско претседателство со Европската Унија во областите на внатрешните работи и правдата. сп/ац/ 

Остани поврзан