• среда, 27 ноември 2024

Болтон: Нетанјаху изразил сомнеж во способноста на зетот на Трамп

Болтон: Нетанјаху изразил сомнеж во способноста на зетот на Трамп
Ерусалим, 19 јуни 2020 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изразил сомнеж во способноста на високиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, да раководи со блискоисточниот мировен план, напиша во својата книга поранешниот советник на Трамп, Џон Болтон. Според извадоци од книгата објавени во „Вол Стрит Џурнал“ и на Си-Ен-Ен, Болтон разговарал со Нетанјаху пред да влезе во администрацијата на Трамп. Болтон напиша дека Нетанјаху „се сомневаше во тоа задачата да се стави крај на израелско-палестинскиот конфликт да му се додели на зетот на Трамп Кушнер, чие семејство Нетанјаху го познаваше многу години“. Тој додал дека премиерот на Израел „не бил јавно против идејата, но како и најголемиот дел од светот, се прашувал зошто Кушнер мислел дека ќе успее таму, каде што не успеале ни некои како Кисинџер“. Како одговор на забелешките на Болтон, кабинетот на Нетанјаху издаде соопштените дека „има целосна доверба во способноста и одлучноста на Џаред Кушнер и отфрла каков било спротивен опис“. - Тимот за Блискиот исток на администрацијата на САД предводен од Кушнер успешно ги формулира принципите на претседателот Трамп во Визијата за мир со нудење на најреален план за мир во нашиот регион. Кушнер исто така придонесе во историските одлуки на претседателот Трамп да го признае Ерусалим, да ја премести американската Амбасада во главниот град на Израел и да го признае израелскиот суверенитет над Голанската висорамнина“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху. Болтон, кој беше отпуштен во септември минатата година, планира да ја објави својата книга на 23 јуни. Белата куќа го тужеше со цел да го спречи објавувањето. Во тужбата се тврди дека книгата содржи тајни информации и оти објавувањето може да и нанесе штета на националната безбедност. јт/

Остани поврзан