• сабота, 23 ноември 2024

Божиновски сведочеше во „Плацови на Водно“

Божиновски сведочеше во „Плацови на Водно“
Скопје, 24 јануари 2022 (МИА) - Поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, во својство на сведок во случајот „Плацови на Водно“, денеска изјави дека до обвинетиот Никола Груевски, никогаш не доставил пари во готово. Тој, воедно посочи дека нема информација во однос на прашањето дали обвинетиот Груевски, примал донации без негово присуство. Од страна на бранителот на Груевски, поставен по службена должност, сведокот Божиновски беше прашан и за тоа дали има сеф во неговата канцеларија во Владата. - Во Владата немаше сеф. Во канцеларијата во новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ многу ретко сум влегол, може да се бројат на прсти. Состаноците во главно ги одржувавме во Владата. Не можам да се сетам дали имало сефови во старата зграда на ВМРО-ДПМНЕ. Во мојата канцеларија имаше две сефа, од кои едниот нефункционален, рече сведокот Божиновски. Меѓу другото тој одговараше и за односот меѓу него како Секретар на Владата и тогашниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, за кого рече дека има комуникација во однос на работата и дека никогаш од него не добил финансиски средства. Следното рочиште за овој предмет е закажено за 28 јануари. Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот", неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари", а првиот братучед на Груевски и поранешен директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело". оџ/аа/

Остани поврзан