• понеделник, 27 јануари 2025

Божиновска на средба со студенти од ФЕИТ по повод Денот на чистата енергија

Божиновска на средба со студенти од ФЕИТ по повод Денот на чистата енергија

Скопје, 26 јануари 2025 (МИА) - По повод Меѓународниот ден на чистата енергија, министерката за енергетика Сања Божиновска оствари средба со студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Таа гостуваше во „лабораторијата на знаење“ - „фаблаб“, каде што младите работат на иновативни проекти, создаваат прототипи и активно учествуваат во научно-истражувачката работа, информираат попладнево од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

- Младите инженери и иноватори не само што се стекнуваат со знаење, туку создаваат решенија што ќе ја обликуваат иднината на чистата енергија и во Македонија, но, можеби и во светот. Иновациите во оваа област се важни за целиот свет. Нивната креативност и посветеност се движечка сила за развојот на енергетиката и технологијата, истакнала министерката.

Како што се наведува во соопштението, за време на средбата, студентите ја запознале министерката со најнови проекти, меѓу нив и иновативни решенија за енергетска ефикасност, користење на 3Д печатење за практични прототипи, како и иницијативи за поддршка на лицата со попреченост. Од нивните идеи, како што посочиле, утре може да излезе практична иновација што ќе придонесе за поодржлива иднина.

Во знак на благодарност за нејзината континуирана поддршка, како што истакнуваат од Министерството, студентите ѝ врачиле статуетка што сами ја изработиле и испечатиле на 3Д принтер во лабораторијата.

- Од овие млади луѓе учиме дека можностите се неограничени кога има поддршка и инспирација. Наша должност е не само да ги едуцираме, туку и да ги мотивираме. Македонија има талентирани млади, а наша задача е да создадеме услови, тие да се развиваат и да останат тука, носејќи иновации и напредок, се наведува во писмената изјава на министерката.

Божиновска ги охрабрила студентите да продолжат со својот иновативен дух и најавила поддршка за проекти што ќе придонесат за чиста енергија, енергетска ефикасност и одржлив развој.

- Овие студенти се идните лидери на нашата енергетика, а нивните идеи ќе бидат двигател на македонската енергетска транзиција, истакнала таа.

Меѓународниот ден на чиста енергија, што се одбележува на 26 јануари, беше прогласен во 2023 година од Генералното собрание на ОН (резолуција A/77/327), појаснуваат од Министерството, како повик за подигнување на свеста и мобилизирање на активности за праведна и инклузивна транзиција кон чиста енергија, за доброто на луѓето и планетата. бд/нд/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан