• среда, 25 декември 2024

Божиновска: Инженерите – клучни партнери за енергетската иднина на Македонија

Божиновска: Инженерите – клучни партнери за енергетската иднина на Македонија

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска се обрати на свеченото одбележување на 30-годишнината од основањето на македонскиот национален комитет на CIGRE – МАКО СИГРЕ. Настанот, кој ги собра водечките имиња од инженерската и академската заедница, го истакна значењето на македонските инженери во развојот на енергетските системи, информираат денеска од Министерството. 

Во обраќањето, министерката нагласила дека инженерската професија е основен двигател на економскиот и технолошкиот напредок.

-Успехот на нашата работа понекогаш не се гледа веднаш, но, ние знаеме дека  градиме нешто што ќе го наследат идните генерации. МАКО СИГРЕ е семејство на професионалци, мост помеѓу генерации инженери, кој гарантира континуитет во преносот на знаење. Иднината е во рацете на младите инженери, но за да успеат, потребна им е поддршката и знаењето што само искусните професионалци можат да го понудат, истакнала Божиновска. 

Министерката ја потенцирала важноста на придонесот на македонските инженери во меѓународните организации како CIGRE, кои ја позиционираат Македонија како важен партнер на глобалната сцена. Вашата работа е гордост за нашата држава и пример за тоа како се надминуваат границите на знаењето и технологијата, истакнала Божиновска. 

МАКО СИГРЕ, со повеќе од 100 членови – вклучувајќи водечки енергетски компании и универзитети – е значаен партнер во унапредување на енергетските политики и воведување иновации. Божиновска најавила засилена соработка со здружението, особено во примена на нови технологии и поддршка за младите инженери, поттикнувајќи ги да изберат технички професии и да дадат свој придонес во националните проекти.

-Со обединување на стручниот потенцијал, ќе создадеме средина каде што професионализмот и одговорноста се ценат, инженерските идеи се реализираат, а младите инженери го добиваат заслужениот простор за напредок. Вашата работа е основа за иднината на енергетскиот сектор, и Ви благодарам за сè што правите и ќе продолжите да правите, порачала министерката Божиновска.

На настанот присуствувале истакнати личности од инженерската и академската заедница, меѓу кои и претседателот на CIGRE, проф. Константин Папаилиу, генералниот секретар на CIGRE, г. Филип Адам, и претседателот на националниот комитет на CIGRE, г. Сашо Салтировски, со кои министерката Божиновска претходно оствари и директна средба во просториите на министерството, на која им посочи дека Министерството останува посветено на развој на енергетската инфраструктура, унапредување на иновациите како и зајакнување на соработката со стручната и академската заедница за изградба на одржлива енергетска иднина. сст/ац/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

 

Остани поврзан