• петок, 05 декември 2025

Божиновска-Сулстром: Шведска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурни проекти во Македонија

Божиновска-Сулстром: Шведска поддршка за енергетски реформи и инфраструктурни проекти во Македонија

Скопје, 9 октомври 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се сретна со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во земјава Ола Сулстром.

На средбата, како што информира Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, беше потврдена досегашната добра соработка меѓу двете земји и беше изразен заеднички интерес за нејзино продлабочување, особено во делот на енергетиката и инфраструктурните проекти.

Министерката Божиновска го запознала амбасадорот Сулстром со клучните стратешки проекти на ресорното министерство, како и со плановите за забрзување на енергетската транзиција. Таа посочила дека Македонија е посветена на модернизација на енергетскиот систем, зголемување на учеството на обновливите извори и подобрување на енергетската одржливост, што отвора можности за соработка со шведските партнери и компании.

- Во фокусот на разговорот беше и можноста за искористување на Фондот за техничка документација (TDF), инструмент преку кој Шведска поддржува изработка на техничка документација за инфраструктурни и енергетски проекти. Досега македонски проекти не учествувале во овој фонд, а министерката Божиновска истакна дека учеството во TDF би можело да биде значајно за унапредување на проектите во областите на енергетската ефикасност, модернизацијата на инфраструктурата и паметните енергетски решенија со оглед на големото искуство на шведските компании и институции во овие области, стои во соопштението. 

Амбасадорот Сулстром на средбата истакнал дека голем број шведски компании се заинтересирани за случувањата во енергетскиот сектор во Македонија и регионот и изразил желба да се поттикне поголема економска соработка, како преку присуство на шведски фирми во македонскиот енергетски пазар, така и преку настап на македонски компании на шведскиот пазар.

Сулстром нагласил дека Шведска останува силен пријател и поддржувач на Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази надеж дека земјата ќе стане полноправна членка на Европската Унија во најскоро време. мд/вј/

Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Остани поврзан