• сабота, 22 февруари 2025

Богојавление-Водици се чествуваше и во општините Карбинци и Пробиштип

Богојавление-Водици се чествуваше и во општините Карбинци и Пробиштип

Карбинци/Пробиштип 19 јануари 2025 (МИА) - Традиционално и оваа година светиот крст во Општина Карбинци беше положен во водите на три локации. Во река Брегалница во село Долни Балван, Карбинци и во базен во село Таринци. Во селото Долни Балван крстот го фати Виктор Гоцевски, а Јоце Велинов е среќникот кој го фати крстот во село Карбинци. Велинов веќе 20 години учествува во положувањето на светиот крст, а по четвртипат успева да го извади од осветената вода.

-Веќе 20 години се фрлам по крстот, ова ми е четврти пат да го фатам, вели Велинов.

Многу здравје, среќа и бериќет посака и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.

-Посакувам овој празник да ни биде поминат во здравје, бериќет и среќа. Господ да дава здравје во секој дом, на секој граѓанин, вели Паунов.

Крстот беше ставен и на лицитација и во Карбинци се купи за 3000 денари. Во Општина Пробиштип светиот крст се положува во Злетовска река во село Злетово, каде традиционално по светиот крст се капат само младоженци, а таму најсреќен беше Филип Димитровски.

Во градот Пробиштип на базенот при Аквапарк Македонија се капеа околу триестетина верници, а најсреќен беше Иле Апостолов. вдј/сст/

Фото: МИА 

Остани поврзан