• сабота, 23 ноември 2024

Богоев: Побрз транспорт и заштеда на време и средства преку стекнување статус на Овластен економски оператор

Богоев: Побрз транспорт и заштеда на време и средства преку стекнување статус на Овластен економски оператор

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Заштеда на време и трошоци, помалку физички контроли, предност во царинење и избор на место за контрола, употреба на воспоставените приоритетни ленти, како и воспоставен добар однос со Царината. Ова се само дел поволностите што компаниите ги имаат со стекнување на статус за Овластен економски оператор (OEO), вели директорот на Царинска управа Стефан Богоев.

Тој појасни дека се работи на унапредување на ОЕО програмата, при што во моментов во рамки на ЦЕФТА изготвена е и централна база на податоци за Овластен економски оператор коишто ги имаат исполнето безбедносните барања и во моментов се прават напори за нејзино поврзување со царинските системи и SEED системот што го користат ЦЕФТА страните. Истото, вели Богоев, ќе овозможи идентификација на ОЕО уште пред нивното пристигнување на граничните премини, побрзо завршување на процесите за царинење и крајно побрз проток на стоката.

Во Царинската управа вчера беше одржана и првата обука за имателите на статус на ОЕО од воведување на оваа програма.

- Работиме на унапредување на Програмата за Овластен економски оператор, се со цел да го охрабриме македонското стопанство да стане партнер со Царинската управа и да овозможиме поголеми предности за македонските компании кои се стекнале со ваков статус. Крајната цел е заштеда на време, ресурси и трошоци за компаниите, што ќе обезбеди конкурентска предност на македонското стопанство на меѓународниот пазар, повеќе работни места и повеќе приходи во Буџетот, потенцира Богоев.

Во тек се и активности за вклученост и на другите на другите гранични институции, како Фитосанитарна управа и Агенција за храна и ветеринарство во програмата за ОЕО. Директорот Богоев потенцира дека ваквиот концепт значи предност во царинење во однос на останатите компании.

- Ако компанија со статус на ОЕО пристигне за царинење заедно со уште десет други компании, таа ќе има предност при царинење. Во моментов ангажирани сме и на вклучување на останатите институции во оваа програма, што е многу значајно за забрзување на процесите за царинење на овие компании, вели Богоев.

Од аспект на поволностите што компаниите што имаат ваков статус, според Богоев, од големо значење се билатералните договори со Србија и Албанија за заемно признавање на статусот на ОЕО со безбедносна компонента.

Тој информира дека со Србија договорот се спроведува во целост, односно македонското стопанство во оваа земја подлежи на приоритетен третман, додека за Албанија во тек се активности за негова целосна имплементација. Воедно се работи и на иницијатива за склучување на вакви договори и со останатите земји во рамки на ЦЕФТА страните и Европската унија.

Од Царинската управа известуваат дека на обуката претставниците на компаниите биле информирани за новитетите во делот на царинското законодавство, поволностите во делот на обезбедување царински долг, како и за годишното усогласување на царинската тарифа согласно измените на Комбинираната номенклатура на Европската Унија која ќе се применува од први јануари 2024 година.

Инаку од воспоставувањето на оваа програма компаниите можат да аплицираат за два вида одобренија, односно за овластен економски оператор за царински поедноставувања и за овластен економски оператор за безбедност и сигурност, но можат да аплицираат и за двете одобренија.

За истото во зависност од видот на одобрението потребно е да исполнуваат безбедносни и сигурносни стандарди, стандарди за професионални квалификации што значи добро познавање на царинските процедури, да се финансиски способни односно солвентни, да имаат ефикасен систем на деловна евиденција и во секое време да имаат целосни информации за нивните активности, како и да ги почитуваат барањата на царинските органи. ир/са

 

Фото: Царинска управа

Остани поврзан