• вторник, 24 декември 2024

Богоев: Вештачка интелигенција ќе ја унапреди анализата на ризик во Царината

Богоев: Вештачка интелигенција ќе ја унапреди анализата на ризик во Царината

Скопје, 11 декември 2023 (МИА) - Директорот на Царинската управа, Стефан Богоев и директорот на Интернационалната Агенција при Царинската служба на Република Кореја, Јун-Шик Ким, остварија средба во рамки на проектот Имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад што е финансиран со грант вреден 4,8 милиони долари од Корејската Влада, соопшти Царинската управа.

-Воспоставување на овој систем што ќе користи вештачка интелигенција ќе ја унапреди анализата на ризик во работењето на Царинската управа.  Користењето на вештачка интелигенција за селекција на сомнителни декларации за контрола е во насока на прибирање повеќе приходи во Буџетот, како и сузбивање на криминалот и корупцијата. Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во коишто постои ризик за плаќање давачки во помал износ, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката, истакнал Богоев.

Одлуката за доделување на грантот од Владата на Кореја следел по тригодишна анализа на македонската Царина по што е одлучено дека како лидери во регионот, овој грант треба да биде доделен на Царинската управа. Во оваа насока, од страна на директорот на Интернационалната агенција при Царинската служба на Република Кореја, Јун Шик Ким биле поздравени заложбите што ги презема македонската Царина со цел зголемување на ефективноста на Царината и создавање услови за поголема конкурентност на македонската економија.

Од страна на експертите од Кореја, се додава во соопштението, бил презентиран и информатичкиот систем за обработка на царинските декларации, како и софтверските решенија за обработка на увозот и извозот на мали пратки во е-трговијата.

-Размената на искуства во делот на е-трговијата е значајна во креирањето политики со цел унапредување на царинскиот третман во овој дел, како и поголема заштита на финансиските интереси, но и зајакнување на безбедноста на малите пратки, потенцирал Богоев. вј/ац/

Фото: Царинска управа

Остани поврзан