• вторник, 17 декември 2024

Блупринт групата за реформи во правосудството бара утврдување на индивидуална одговорност за случувањата во Судскиот совет

Блупринт групата за реформи во правосудството бара утврдување на индивидуална одговорност за случувањата во Судскиот совет

Скопје, 5 мај 2023 (МИА) - Судскиот совет, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април 2023, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството, од каде што изразуваат сериозна загриженост за последниот развој на настаните во советот.

- Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на сега веќе поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на ССРСМ. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет на РСМ останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26.4.2023 се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет, велат оттаму.

Групата појаснува дека во две од трите седници одржани вчера, јавноста била незаконито исклучена.

- Меѓучовечките односи помеѓу членовите на ССРСМ не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет на РСМ како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови, стои во соопштението.

Дополнуваат дека седницата на која е избран новиот претседател била свикана од заменик претседателот на ССРСМ, како што велат „на невообичаен начин вон работното време на Советот, петнаесетина минути пред самиот почеток на седницата, што е директно прекршување на законските одредби кои се однесуваат на транспарентност и јавност во работата на Советот“.

Според нив, а со последниве случувања, Судскиот совет на РСМ е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии. 

- Овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина  иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на ССРСМ и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво, велат оттаму, упатувајќи повик до сите чинители, вклучувајќи ги и членовите на ССРСМ да бидат достојни за функцијата која ја вршат и да преземат мерки за утврдување на индивидуална одговорност за сторените повреди од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија. ар/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан