• петок, 08 ноември 2024

Блокади на мостови и патишта доколку Вучиќ до петок не ги исполни условите на протестот „Србија против насилството“

Блокади на мостови и патишта доколку Вучиќ до петок не ги исполни условите на протестот „Србија против насилството“

Белград, 11 јуни 2023 (МИА) - Претседателот на Еколошкото востание и пратеник во српското собрание, Александар Јовановиќ Чута, најави блокада на патишта и мостови во Србија доколку претседателот Александар Вучиќ до петок, 16 јуни не ги исполни сите барања од протестот „Србија против насилството“, јави дописиникот на МИА од Белград.

Јовановиќ во писмена изјава наведе дека ќе бидат блокирани патиштата и мостовите низ целата државата.

На протестот „Србија против насилството“ во Белград во петокот актерот Хаџи Ненад Маричиќ во име на организаторите најави дека „доколку до крајот на идната недела не бидат исполнети нивните барања, протестите ќе добијат нов облик, од бината ќе се тргне во нови акции“.

-Се зборуваше за радикализација на протестите и би сакал да го избегнеме тој термин. Значи, нашето општество се разболе од вишокот на слободни радикали кои ни го украдоа ова општество и оваа земја и ја претворија во дувло каде што ниту еден пристоен човек не сака да живее повеќе. Мислам дека се работи за подигање на овие активности на повисоко ниво, во кое секако ќе учествуваат и граѓаните, но тоа ќе значи и поголем степен на пожртвуваност на пратениците од опозицијата, изјави по протестот претседателот на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), пратеникот Павле Грбовиќ.

Седницата на Националното собрание посветена на безбедносната состојба ќе продолжи следната недела. Последна, четврта точка на дневен ред е разрешување на министерот за полиција Братислав Гашиќ.

-Верувам дека сега влегуваме во одлучувачка недела, кога очекуваме да добиеме конечни одговори од надлежните. А доколку тоа не се случи, тогаш ние како претставници на опозицијата и технички организатори на протестот ќе понудиме некакви следни решенија и рамковен план за кој сега се разговара, изјави Небојша Зеленовиќ.

Барањата на протестот се: смена на Советот на РЕМ (Регулаторно тело за електронски медиуми), затворање на печатени медиуми и таблоиди кои објавуваат лажни вести, невистини и континуирано го кршат новинарскиот кодекс, одземање на националните фреквенции од телевизиите кои ги залудуваат граѓаните, трујат и промовираат насилство, како што се Пинк и ТВ Хепи, оставка на министерот на полицијата Братислав Гашиќ и шефот на безбедоносната агеција (БИА) Александар Вулин, итно укинување на програмите кои промовираат насилство, неморал и агресија на телевизиите со национална фреквенција, како што се реалните шоуа.

Проевропската опозиција само технички ги организира овие граѓански протести кои започнаа по масовните убиства во белградското училиште „Владислав Рибникар“ и селата Дубона и Мало Орашје во општините Младеновац и Смедерево, додека десничарската опозиција ги подржува и учествува на нив.

Претседателот Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста со премиерката Ана Брнабиќ во среда изјави дека „ќе продолжи да ги чека некои луѓе да разговараат со него“, додавајќи дека „тие се надеваат на некои други работи кои никогаш нема да се случат, дека власта ќе биде преземена на улица“, најавувајќи можност за вонредни парламентарни избори, како излез од кризата.

Од опозицијата во петотокот порачаа-Не ни требаат избори, потребна ни е одговорност. об/сд/

фото:архива

Остани поврзан