• среда, 27 ноември 2024

Блинкен: Ереван и Баку да го одржат примирјето и да продолжат со преговорите

Блинкен: Ереван и Баку да го одржат примирјето и да продолжат со преговорите

Њујорк, 20 септември 2022 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Њујорк се сретна со шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, а како што соопшти Стејт департментот, тоа е прв директен разговор меѓу двете земји по граничните судири овој месец, во кои загинаа десетици луѓе.

„Во разговорите со ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан и неговиот азербејџански колега Џејхун Бајрамов, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации, Блинкен ја истакна потребата да се спречат понатамошни конфликти и да се вратат земјите во мировниот процес“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс.
„Тие разговараа за следните чекори, а американскиот државен секретар ги охрабри страните повторно да се сретнат пред крајот на месецот“, рече Прајс. Зборувајќи пред состанокот со министрите за надворешни работи на Ерменија и Азербејџан, Блинкен рече дека Вашингтон е „охрабрен од фактот што борбите престанаа и што немаше нови воени акции во изминатите неколку дена“. Ерменија и Азербејџан се согласија на прекин на огнот минатата недела, ставајќи крај на дводневното насилство поврзано со деценискиот спор меѓу поранешните советски републики за територијата на Нагорно-Карабах. Во борбите, од 12. до 14 септември, за кои секоја земја ја обвинуваше другата, загинаа повеќе од 170 војници и се најсмртоносниот конфликт од шестнеделната војна во 2020 година, во која, со илјадници мртви, Азербејџан оствари значителни територијални придобивки во и околу Нагорно-Карабах. паг/    

Остани поврзан