• сабота, 23 ноември 2024

Блинкен во Ријад за поддршка за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија

Блинкен во Ријад за поддршка за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија

Ријад, 23 октомври 2024 (МИА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен пристигна во Ријад за да помогне во нормализирањето на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, пред својата претстојна средба во Лондон со арапските министри за надворешни работи, посветена на конфликтите на Блискиот Исток.

Блинкен отпатува од Тел Авив за престолнината на Персискиот залив со директен лет – нешто што е невозможно на комерцијалните летови бидејќи Саудиска Арабија не го признава Израел.

По пристигнувањето, тој беше пречекан од својот саудиски колега Фајсал бин Фархан Ал Сауд, пред средбата со престолонаследникот Мохамед бин Салман. Според изјавата на Стејт департментот, двајцата разговарале за „неопходноста од завршување на војната во Газа“ и за „обидите за трајна регионална стабилност“.

Пред да отпатува за Ријад, Блинкен ги повика израелските власти да ја искористат „неверојатната можност“ за нормализирање на односите со Саудиска Арабија.

- Саудиска Арабија ќе биде клучна за потенцијалното нормализирање на односите со Израел, изјави Блинкен.

Ова е единаесеттата посета на Блинкен од 7 октомври 2023 година, кога започна војната предизвикана од нападот на Хамас врз Израел.

По утрешните разговори во Катар, Блинкен ќе се сретне со арапските дипломати во Лондон за да разговараат за состојбата на Блискиот Исток.

Конфликтот во Газа го одложи обидот за постигнување договор, според кој Саудиска Арабија ќе го признае Израел во замена за одбранбен пакт со Вашингтон и помош за нуклеарна програма. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан