• понеделник, 16 декември 2024

Блинкен бара реформа на палестинската управа за повоена Газа

Блинкен бара реформа на палестинската управа за повоена Газа

Тел Авив, 10 јануари 2024 (МИА) – Американскиот државен секретар Ентони Блинкен за време на денешната посета на Западниот Брег, побара од палестинскиот претседател Махмуд Абас да ја реформира палестинската управа, како дел од повоениот план за Газа кој вклучува конкретни чекори кон палестинска држава.

САД сакаат да ја реформираат палестинската управа за да управува со Газа по војната, а вклучувањето на претседателот Махмуд Абас, како и други арапски земји за кои САД се надеваат дека ќе учествуваат во обновата на Газа, зависи од движењето кон палестинска држава по неколку години закочен мировен процес.

Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли контролата на Палестинската управа врз Газа и цврсто се противи на создавање палестинска држава покрај Израел.

Автократското, палестинско раководство, чии сили беа протерани од Газа кога Хамас ја презеде власта во 2007 година, според многу Палестинци нема легитимитет да управува.

Така, 88-годишниот Абас не се кандидира на избори од 2005 година и нема поддршка меѓу својот народ.

На состанокот во градот Рамала на Западниот Брег, Блинкен му рекол на палестинскиот претседател Абас дека САД поддржуваат „опипливи чекори“ кон палестинската држава, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.

Блинкен подоцна рече дека разговарале за реформирање на палестинската управа за „ефикасно да ја преземе одговорноста за Газа“ и Абас изгледал подготвен да „се вклучи во сите овие напори“.

Портпаролот на Абас, Набил Абу Руданех, рече дека „од Американците слушнале добри изјави, но ништо не се случило“.

- Сега приоритет е да се запре војната во Газа, нагласи тој.

Во својата четврта посета на регионот од почетокот на војната пред три месеци, Блинкен во последните денови се сретна со лидерите на Саудиска Арабија, Јордан, Катар, Обединетите Арапски Емирати и Турција.

Според него, тие се согласиле да помогнат во обновата на Газа и рече дека се уште е можна поширока израелско-арапска нормализација, но само доколку постои „пат до палестинска држава“. јт/

Фото: Х

Остани поврзан