• сабота, 23 ноември 2024

Благо опаѓање на нивото на Треска во последните неколку дена

Благо опаѓање на нивото на Треска во последните неколку дена
Кичево, 7 април 2022 (МИА) - Порастот на температурите во претходниот период предизвикаа топење на снегот на планините , што придонесе водотеците во Кичевско-бродскиот регион да пораснат, а тоа најмногу беше забележливо на река Треска, чие ниво во понеделникот се искачи на кота од 116 сантиметри. -Нивото на река Треска во понеделникот се искачи на 116 сантиметри, а причина секако беа зголемените температури кои предизвикаа топење на снегот на повисоките планински врвови. Дополнително за зголемениот водостој придонесоа и врнежите од дожд кои беа присутни во изминатиот викенд. Но, откако се намалија врнежите од дожд, а температурите благо опаднаа, особено во ноќните часови, водостојот на Треска почна благо да опаѓа и од 116 сантиметри измерени во понеделникот, денеска нивото на оваа река е спуштено на кота од 111 сантиметри. Ниту во едниот, ниту во другиот случај водостојот на Треска не е закана за нејзино излевање и можни поплави во крајречниот појас, истакна Миле Стојкоски од РЦУК Македонски Брод. Тој појасни дека последните три до четири години забележани се многу помали врнежи од снег и дожд од просекот, што, посочи, се одрази и врз континуираното ниско ниво на водотоците во регионот, па и во цела Република. -Единствено во пократки периоди проследени со поинтензивни врнежи од дожд, доаѓаше до излевање на реките и поплави во крајречијата. Зголемениот водостој на реките позитивно ќе се одрази и врз нивото на езерото Козјак, кое со вода се напојува од овие реки, додаде Стојкоски.за/вј/

Остани поврзан