Благодарница за дебранец од САД кој донира 50 илјади долари за дебарската болница
- Во просториите на Општата болница со проширена дејност во Дебар, на дебранецот, Селаудин Ербели, кој живее и работи во САД, му беше врачена Благодарница за неговиот придонес во зафатите за подобрување на условите во оваа здравствена установа.
Дебар, 24 јуни 2025 (МИА) - Во просториите на Општата болница со проширена дејност во Дебар, на дебранецот, Селаудин Ербели, кој живее и работи во САД, му беше врачена Благодарница за неговиот придонес во зафатите за подобрување на условите во оваа здравствена установа.
-Чест и задоволство ми беше да го дочекам Селаудин Ербели, наш сограѓанин, кој живее и работи во САД од 1968 година. Причината за оваа средба беше да му се заблагодарам од мое и од име на вработените за донацијата од 50 илјади долари што ја даде за проширување и реконструкција на просториите за итна и прва помош во нашата болница, што не е прва донација за нашата установа, рече Мерсим Колеци директор на болницата.

Врачувајќи му ја благодарницата тој посебна благодарност искажа и од жителите на општина Дебар и Центар Жупа, кои со својата дејност ги покрива болницата.
- Продолжуваме секој ден без прекин во подобрувањето на условите и обезбедувањето на квалитетни услуги за пациентите, но и подобрување на условите за вработените, најави Колеци.
Во болницата услуги добиваат и жители од подрачјето на Долна Река, општина Маврово и Ростуше, туристи, поранешни жители и нивни семејства кои живеат главно во Скопје, а во потоплиот период од годината се во населените места од каде потекнуваат и секако печалбарите кои масовно престојуваат во летниот период. вт/ев/
ФОТО: Општа болница