• сабота, 27 јули 2024

Битиќи: Слушаме што бара бизнис секторот од нас, правиме се што е во наша моќ да се отстранат бариерите

Битиќи: Слушаме што бара бизнис секторот од нас, правиме се што е во наша моќ да се отстранат бариерите

Скопје, 30 март 2023 (МИА) – Слушаме што бара бизнисот од нас како Влада, но најверојатно има разлика за брзината со која треба да се случат работите и тоа што е очекување на бизнис секторот и можност во овој момент да се интервенира, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Како што посочи има две гледишта на работите – дали може да биде подобро и заеднички да се седне на маса за да се креираат решенија.

-Велам да може да биде подобро, но за тоа треба сите чинители да седнат на маса и да гледаат заеднички да креираат решенија. Ваков отворен дијалог правиме цело време и бизнис секторот е вклучен во креирањето на Националната стратегија која треба да даде на ваквите очекувања за наредните 20 години. Таму е клучот до кога и како ќе се менуваат работите на подобро, рече Битиќи  во одговор на новинарско прашање по обраќањето на регионалната конференција на тема: „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан - предизвици и можности“, што ја организира Стопанската комора како дел од активностите на Проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, кој се спроведува во партнерство со УСАИД.

Оцени дека солидарниот данок и замрзнувањето на цените на основните продукти е во интерес на граѓаните за да им се помогне полесно да ја поминат кризата.

-Ќе ги видиме ефектите од замрзнувањето на цените. Нашите мерки не нанесуваат штета на никого, но секако се носат за заштита на интересот на граѓаните. Ако ги прашате граѓаните сметам дека одговорот ќе биде дека замрзнувањето на цените ќе биде добро за нив затоа што можат да ги купат продуктите со пониска цена. Ако, пак, ја прашате бизнис заедницата секогаш, а не само во оваа ситуација, за изгубен опортун приход што е добивка, ќе кажат дека не се најсреќни, рече Битиќи и додаде дека секогаш има две страни.

Ние, додаде, сме овде за да го заштитиме стандардот на граѓаните и тоа е најпотребно во моментов.

-Сите други теми што сака бизнисот да ги дискутираме може да ги отвориме, но во овој момент ние одлучивме дека ова е правиот начин на кој треба да реагираме со цените, потенцира Битиќи.

Порача дека прават се што е во нивна моќ за да ги отстранат бариерите со кои се соочува бизнисот.

-Се што е во наша моќ за брз период тоа го надминуваме. Ние минатата година ги хармонизиравме царинските тарифи за 258 продукти иако тоа не го бара Европската Унија, но го побара бизнис секторот за да стане поконкурентен. Тоа го направивме иако можеби треба да го направиме после осум или 10 години кога ќе станеме земја-членка на ЕУ. Работиме на мерки со стопанските комори и веќе утре имам редовен состанок со нив што го одржуваме секој месец. Направено имаме регистар на парафискалните давачки, дел од нив се елиминирани, а дел ќе бидат надминати во наредниот период, прецизира Битиќи. вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан