• сабота, 23 ноември 2024

Битиќи и Галовеј потпишаа Меморандум за соработка за воведување Централна единица за следење на инфраструктурни/инвестициски проекти

Битиќи и Галовеј потпишаа Меморандум за соработка за воведување Централна единица за следење на инфраструктурни/инвестициски проекти
Скопје, 28 јули 2021 (МИА) - Меморандум за соработка за проект за воведување на Централна единица за следење на инфраструктурни/инвестициски проекти денеска потпишаа заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи и амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј, во присуство на раководителката на Канцеларијата за проектни услуги на Организацијата на Обединети Нации во Северна Македонија, Микела Телатин. Целта на проектот што треба да заврши во март следната година, во вредност од 600 илјади британски фунти, средства обезбедени од британската Влада, е да придонесе во напорите на нашата Влада да го зајакне спроведувањето на инфраструктурните проекти и инвестициите, кои имаат силен импакт врз економскиот раст, создавање работни места, зачувување на животната средина и квалитет на живот на граѓаните. Активностите на проектот, информира министерот Битиќи, ќе резултираат со воспоставување на Централната единица за следење на инфраструктурните и инвестициските проекти, кои ќе го зајакнат институционалниот капацитет за управување и следење на реализацијата на проектите со големи размери. - Нам ни е потребно системско решавање на предизвиците со кои се соочуваме, а еден таков е и следењето на реализацијата на капиталните проекти. Оваа единица за нивно следење е токму такво практично и прагматично решавање на истиот. Ова е само еден дел од целиот мозаик, рече Битиќи. Целиот систем на кој се работи, наведе тој, се состои од неколку главни елементи и тоа следењето на инфраструтурни инвестициски елементи, кои ќе се управуваат преку оваа Централна единица за која денеска зборуваме. Вториот дел е менаџмент систмот за државна помош, што е веќе најавен, и се работи со Светска банка, а треба да претставува точка за контакт, која ќе ја инкорпорира целата државна помош, што се спроведува преку 11 државни институции. Истиот систем, најави вицепремиерот Битиќи, ќе биде дигитализиран и како краен аутпут треба да ја мери ефикасноста и влијанието на доделената државана помош. - Новината или целта кон која работиме и која верувам дека треба да ја оствариме е всушност инкорпорирање на податоците од овие два системи, што ќе ни ја даде Централната единица за мониторинг или следење, која во реално време ќе ни дава транспарентни и отчетни податоци за ефикасноста и ефективноста за спроведувањето на економските политики во нашата држава, истакна Битиќи. На овој начин, смета тој, секој денар на граѓаните ќе може да се следи каде е отиден и кој ефект го има постигнато за да се врати назад кај граѓаните како добра инфраструктура, градинки, училишта, велосипедски патеки или пак отворање на нови работни места. Амбасадорката Галовеј, од своја страна, потенцира дека проектот чија реализација започнува денеска ќе го олесни и координира планирањето и спроведувањето на големите инфраструктурни проекти. - Ја поддржуваме Северна Македонија во нејзиниот обид да развие Национална стратегија за развој за следните 20 години и се надевам дека овие две иницијативи ќе функционираат заедно - планирање на инфраструктурата што ќе им служи на заедниците во иднината. Имаме можност да креираме усогласена инфраструктура, отпор на климатските промени, да користиме зелена и алтернативна енергија, да ги вклучиме граѓаните и бизнис секторот, да ги земеме предвид влијанијата врз животната средина и да го поплочиме патот кон подобра и почиста инфраструктура, рече британската амбасадорка. За Галовеј секоја економија во светот зависи од сигурната инфраструктура што ги поврзува синџирите на набавка и овозможува ефективно движење на стоките и услугите во државата и надвор од неа. - Инфраструктурата ги овозможува бизнисите, ги поврзува домаќинствата со работните места, здравството и образованието и создава можности за заедниците кои се соочуваат со тешкотии, ја заштитува нацијата од се понепредвидливата животна средина и опкружување – од приватни инвестиции во телекомуникациските системи до енергетски проекти и цевководи, јавното трошење за превоз, вода и водовод и канализација, згради и паркови. Инфраструктурата е сржта на здравата економија, рече меѓу другото Галовеј. Таа додаде дека сите ние го видовме катастрофалниот ефект што пандемијата на Ковид-19 го имаше врз економијата и многу влади, вклучувајќи го тука и Обединетото Кралство, го гледаат токму инвестирањето во инфраструктурата не само како начин преку кој ќе поттикнат раст, туку и ќе стимулираат создавање работни места. Инвестирањето во инфраструктурата е докажан метод за успешно стимулирање раст и по економскиот шок, истакна таа и додаде дека токму затоа, на пример, ММФ ги повика владите да го поттикнат инвестирањето во инфраструктурата со цел да го придвижат закрепнувањето на економијата по пандемијата. - Ова е исто така можност да се промени инфраструктурата. Владите и приватните инвеститори можат да го насочат финансирањето кон поодржлива и зелена инфраструктура што ќе ја зголеми отпорноста на инфраструктурата кон заканите од климатските промени. ММФ исто така потенцираше дека јавните инвестиции во такви инфраструктурни проекти може да помогнат во соочувањето со климатските промени и да резултира со 2:1 во економскиот раст во период од две години. Токму тоа се надеваме дека ќе го видиме во Северна Македонија. Обезбедивме поддршка за развој на зеленото сценарио во рамките на Националната енергетска стратегија и идното планирање на инфраструктурата треба да го земе предвид користењето на зелена и алтернативна енергија. Секој инфраструктурен проект треба да има сеопфатна процена за влијанието врз животна средина. Заедниците и трајните корисници треба да имаат можност да дадат свој придонес кон планирањето на инфраструктурата и да бидат вклучени и информирани за развојот на инфраструктурата и имплементацијата, изјави амбасадорката Галовеј. Како што изјави раководителката на Канцеларијата за проектни услуги на Организацијата на Обединети Нации во земјава, Телатин, проектот ќе биде насочен кон основањето и градењето на капацитети на Единицата за координација на инфраструктурата, ќе го подобри следењето на проектите и ќе обезбеди анализа за регулаторна рамка во голем обем на инфраструктурните проекти. Таа им се заблагодари на Владата и на Британската амбасада за нивната поддршка и за нивните насоки и изрази надеж дека проектот ќе донесат опипливи резултати за граѓаните на Северна Македонија. - Нам како УНОПС, Агенција на ОН за проектни услуги која се занимава со инфраструктура, набавка и управување со проекти ни е драго што имаме прилика да ја понудиме нашата експертиза за инфраструктурата, особено знаејќи дека инфраструктурата е повеќе од градење. Тука се работи за поврзување за обезбедување пристап за животната средина, а ние во УНОПС ја гледаме инфраструктурата како столб на функционалното општество.  Всушност, нашето истражување спроведено заедно со Универзитетот Оксфорд покажува дека инфраструктурата има 92 проценти влијание врз сите точки од целите за одржлив развој. Затоа навистина ни е драго што ќе го спроведуваме овој проект во блиска соработка и по насоки дадени од Владата на Северна Македонија, со вицепремиерот и со неговиот тим, а сето тоа финансирано од Обединетото Кралство, рече Телатин. цр/сп/

Остани поврзан