• среда, 25 декември 2024

Битиќи и Бесими за МИА: Економскиот форум Делфи - можност за размена на искуства и идеи

Битиќи и Бесими за МИА: Економскиот форум Делфи - можност за размена на искуства и идеи
Атина, 9 април 2022 (МИА) - Војната во Украина и последиците што ги носи на глобално, регионално, но и на локално ниво на секоја држава, беа во фокусот на овогодишниот, седми по ред Економски форум Делфи во Грција, што традиционално се одржува во градот Делфи, а на кој учествува и владина делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Од економските, геополитичките, но и енергетските последици не е изоставена ни Северна Македонија, можеби не директно, но секако индиректно, а за пораките од форумот, но и за тоа колку ние како земја сме подготвени да се соочиме со економскиот аспект, дописничката на МИА од Грција, во Делфи поразговара со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи и со министерот за финансии Фатмир Бесими, кои воедно ги пренесоа и нивните впечатоци од учеството. Бесими рече дека форумите од овој тип се корисни затоа што се разменуваат искуства и идеи, посебно кога има учесници од повеќе земји, а вицепремиерот Битиќи посочи дека уште еднаш се повтори „тоа што сме го кажувале на скоро на сите вакви слични форуми дека земјите од Југоисточна Европа, односно и земјите од Западниот Балкан и земјите членки на ЕУ сме толку меѓусебно поврзани и зависни, што најверојатно некогаш, кога политиката ќе ја оставиме на страна ќе треба да почнеме да соработуваме“. Дополнително тој истакна дека уште еднаш била повторена потребата за соработка затоа што „сите се свесни, дури и земјите членки на Европската Унија, дека ние не сме изолирани острови па сами за себе да се грижиме“. - Еден од заклучоците што би можел да го кажам е дека заложбата за пристапување на земјите од Западниот Балкан во Европската Унија беше повторен од сите чинители. Од САД, високи нивни претставници, високи претставници од Европската комисија, дека веќе не е дали и за неколку години, туку најбрзо што е возможно, но дека економската соработка е таа во која заеднички ќе треба да постигнеме резултати, затоа што меѓусебната зависност која што постои треба да ја употребиме како можност за поголем економски развој на сите во овој регион. Сметам дека ова ќе значи поголеми можности за нас како држава, но и за целиот Западен Балкан, истакна Битиќи за МИА. Владата навремено реагираше со антикризните мерки Министерот за финансии објаснува дека се соочуваме со криза од светски размери и „од обем што од Втората светска војна, па навака немало поголем“, но додава дека од тогаш до сега светот „е многу поинтегриран, пазарите се многу поинтегрирани и веднаш се рефлектираат шоковите што се случуваат на светските пазари и кај нас“. Тој вели дека ние како земја немаме директна голема трговска размена со Русија и Украина со оглед на тоа дека е околу еден отсто од нашата трговија, меѓутоа „ефектите од кризата кај нас доаѓаат од европскиот пазар“. - Ние во овој контекст што правиме? Прво го адресираме овој голем ценовен шок во економијата. Кај енергенсите неколку мерки досега се преземени, презентиравме 26 мерки, околу 400 милиони евра што се интервентни, брзи, некои што се на среден рок преку кредитни линии поволни за енергетска транзиција, објасни Бесими. Министерот потсети дека во делот на интервентните мерки имаше намалување на даноците за енергенсите, за основните производи, како и акцизата, но и поддршка со директни субвенции за најранливите категории и поддршка на стопанството со ликвидност поради високите цените на енергијата. - Мислам дека ние навремено реагиравме со соодветен обем, за да може да се амортизира првичниот шок кај цените. Јас и тука на Форумот кажав дека една од наједноставните мерки што директно влијае е субвенционирање на цената на електричната енергија на домаќинствата и малите бизниси, рече Бесими додавајќи дека субвенционирањето е околу 80 отсто од пазарната цена, што значи дека граѓаните плаќаат само 20 проценти од цената на пазарот на електрична енергија. Ова, според министерот, го чини буџетот 172 милиони директно во ЕСМ и „некои дополнителни трошоци што се очекуваат во текот на годината, околу 200 милиони во досегашниот период“. Прашањето што се поставува со кризата е, дали буџетот ќе ги издржи овие дополнителни оптоварувања, за што Бесими одговара дека ги прават сите напори и за решавање на проблемите што произлегоа, а во исто време и да нема застој во тековните работи. - Се подготвуваме за ребаланс на буџетот во наредните месеци, што ќе треба да ги адресира сите овие работи. Преземавме мерки за заштеда во однос на администрацијата, кратење на трошоците, а исто така и дополнителни мерки во земјоделието во однос на зголемување на приносите и површините за основните производи  како што е пченката, пченицата, сончоглед, ориз и други главни производи, да се зголемат приносите оваа година и за следната година површините за да се насадат овие, објасни за МИА министерот за финансии. Работиме на диверзификација и поголема енергетска независност Интерконекторот со Грција и учеството во терминалот за течен природен гас во грчкиот град Александруполи, според вицепремиерот и министерот за финансии, ќе помогне за поголема енергетска независност на земјата. Вицепремиерот Битиќи во разговорот за МИА истакна дека сега се покажува оти учеството било правилен чекор. - Без разлика што некогаш некој сакаше да каже дека е погрешен чекор, јас верував и моите колеги веруваа дека тоа е исправен чекор и денес се покажува дека навистина е исправен чекор, затоа што можеме да бидеме сигурни дека следните 15 години имаме обебзедено гас од друг извор. Секогаш е добро да имате два извора наспроти само еден како што имавме изминативе 30 години, рече Битиќи. Тој додаде дека регионот и нашата земја „се поставуваат како стратешко место, за хаб на целиот Западен Балкан за производство на електрична енергија, но и за трансмисија на електричната енергија и на другите енергенси“, потенцирајќи дека тоа е нешто што треба да се искористи и да се работи на „подобрување на вредносниот ланец во различните сегменти на производство“, без разлика за кој сектор станува збор. - Тоа беше еден од заклучоците овде дека заедно треба вредносниот ланец наместо да биде поврзан со далечните земји, тој да биде многу поблиску до Европската Унија, до големите производители во Европската Унија, а тоа може да бидат земјите од Западниот Балкан, нашите компании кои таму учествуваат. Сето ова за да се зголеми конкурентноста на економијата, да се зголеми конкурентноста во компанијата и животот на луѓето, истакна Битиќи. Бесими, пак, коментираше дека постојат среднорочни и долгорочни мерки за конкретното прашање. - Во однос на енергетиката, се зголеми домашното производство. Исто така на среден и долг рок имаме мерки каде што се зголемува независноста. Тоа е интерконекторот со Грција што се прави за природен гас. Потоа во однос на обновливи извори на енергија, фотоволтаици, ветерни електрани и други форми, каде што ќе имаме на долг рок понезависен и постабилен систем на снабдување со енергија, рече Бесими. Сања Ристовска

Остани поврзан