• понеделник, 23 декември 2024

Битиќи: Заедно ја креиравме Националната развојна стратегија

Битиќи: Заедно ја креиравме Националната развојна стратегија

Скопје, 4 декември 2023 (МИА) - Горд сум дека успеавме да ја постигнеме инклузивноста и широката вклученост на голем број граѓани, граѓанскиот и бизнис секторот, институции, млади и ранливи групи, изјави вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на состанокот на Управниот одбор за креирање на Националната развојна стратегија, каде беше презентиран првиот драфт на документот кој претставува визија за развој на државата за следните 20 години.

Битиќи, како што информира владината прес-служба, истакна дека ова е првиот драфт на нашата заедничка визија за развој на државата за следните 20 години. Веќе скоро две години го водиме можеби најобемниот, најкомплексен процес и, како што рече, и еден од најважните кои сме ги започнале од нашата независност.

-А зошто ни е важно да ја имаме оваа заедничка договорена консензуална визија за развојот на нашата држава. Затоа што е важно да имаме општествен консензус или договор за тоа кои се нашите државни интереси, да ги измапираме ресурсите и како сакаме да ги насочиме, кои ќе бидат нашите приоритети и како ќе стигнеме до нивното постигнување. Затоа е важно нашата заедничка визија да е доволно реална и прецизна за тоа каде се наоѓаме, но доволно далеку гледа и оптимистична за тоа каде за 20 години треба и можеме да стигнеме. И ако ова не е доволно комплексно, да утврдиме кои се чекорите како тоа ќе го постигнеме, кои се ресурсите и начинот на нивно усмерување и искористување кои ќе не доведат до посакуваната цел, изјави Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи изрази благодарност до сите вклучени кои, како што рече, во овие скоро две години даваа коментари, целиот тим на експерти кој работеше на стратегијата и домашни и интернационални, нашите развојни партнери, Собранието, Кабинетот на претседателот, мојот кабинет и секој еден граѓанин кој со својот придонес дал дел од себе за наша заедничка подобра иднина.

- Денеска ќе го гледаме заедно првиот драфт, набрзо и ќе го затвориме конечниот текст и на крај стратегијата ќе оди на гласање во Собранието, каде очекувам да биде едногласно усвоена, нагласи Битиќи. Додаде дека при процесот на креирање сите биле консултирани, вклучително и сите политички партии, преку активното учество на Собранието во целиот процес.

Ресурси, како што рече, имаме, она што можеме подобро да го правиме е нивно системското координирање без промена на заедничките приоритети во зависност од политичката волја. Според него, на овој начин ќе можеме да постигнеме долгорочни и поинтензивни резултати. мд/са/ 

Фото: Влада 

Остани поврзан