• среда, 25 декември 2024

Битиќи: Економијата не може да чека на долгорочни решенија за работната сила, потребни се работници веднаш

Битиќи: Економијата не може да чека на долгорочни решенија за работната сила, потребни се работници веднаш

Скопје, 30 март 2023 (МИА) – Увозот на работна сила не може да биде долгорочно решение во ниту една земја, но економијата не може да чека со години на долгорочни решенија, туку и е потребна работна сила веднаш, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Во одговор на новинарско прашање по обраќањето на регионалната конференција на тема: „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан - предизвици и можности“, што ја организира Стопанската комора на Северна Македонија, рече дека работодавачите доколку можат би понудиле повисока плата за да ги привлечат невработените да ги прифатат работните места што се нудат на пазарот на труд.

-Во последните три години платите се повисоки од тие што биле претходно, но во Агенцијата за вработување денеска има 9.628 слободни работни места. Пред само една недела слободни беа 7.500 работни места, рече Битиќи. Нагласи дека во Агенцијата за вработување се регистрирани 115.000 невработени.

Слободните работни места, според Битиќи, треба да се пополнат од таму, но за жал не се пополнуваат.

- Во ниту една земја долгорочно решение не е увоз на работна сила, но економијата не може да чека на долгорочни решенија кои се пет до десет години. Што ќе прави економијата ако пет години не се пополнат овие работни места – тоа ќе значи затворање на компаниите. Овие работни места се отворени затоа што се потребни за компаниите да ја обезбедат примарната дејност за кои се регистрирани, посочи Битиќи.

Нагласи дека сегашната состојба со работната сила во земјава е последица на работата на некои функционери кои почнале да работат во 1991 година.

-Веројатно таму лежи одговорот на тоа што денеска го зборуваме. Не можам да бидам одговорен за однесувањето на некој пред 20, 30, 10 или  пред пет години, потенцира Битиќи.вј/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан