• сабота, 23 ноември 2024

Битиќи: Владата носи заклучоци, одлуки и задолженија, но не се укажува на постапката или начинот како треба да се спроведе

Битиќи: Владата носи заклучоци, одлуки и задолженија, но не се укажува на постапката или начинот како треба да се спроведе

Македонски Брод, 2 декември 2023 (МИА) – Владата носи заклучоци, одлуки и задолженија. По предметот за „Македонски пошти“ и „Железници Транспорт“ Владата во април 2021 година имаше донесено заклучок со кој што го задолжува Генералниот секретаријат да ги спроведе сите законски постапки по однос на ангажирање на консултантски фирми за физибилити студии и таму завршува тоа што Владата го има направено, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Никогаш во ниту еден заклучок или задолжение што ги носи Владата, нагласи Битиќи, не се укажува на постапката или начинот како треба да се спроведе.

-          Нема никогаш и во ниту еден заклучок не се влегува во модалитетот на спроведување на заклучокот. Стручните служби знаат како треба да се спроведе, согласно законските прописи во државата. Владата работи според Деловникот за работа на Влада и според Законот за Влада, изјави Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на фабриката „АТС АММО“ во Македонски Брод.

Во однос на изјавата на поранешниот Генерален секретар на Влада Мухамед Зеќири, против кого вчера беше изречена првостепената неправосилна пресуда, дека при потпишувањето на договорите спроведувал „умисла на други“ посочувајќи го него, Битиќи рече дека не би сакал да ја коментира неговата изјава.

-          Не би сакал да ја коментирам неговата изјава, затоа што беше дадена на два јазици, на македонски и на албански. На албански јазик не беше кажано така, беше кажано предлог, изјави Битиќи. аа/бт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан