• среда, 25 декември 2024

Бислимоски за МИА: Не очекуваме зголемување на цената на струјата, се зголемуваат ингеренциите на РКЕ во делот на водни услуги

Бислимоски за МИА: Не очекуваме зголемување на цената на струјата, се зголемуваат ингеренциите на РКЕ во делот на водни услуги
Скопје, 9 јануари 2021 (МИА) - Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски во интервју за МИА говори за цената на струјата, кондицијата на енергетските компании, заштитата на потрошувачите од ценовните шокови, водните и комуналните услуги и плановите за Новата 2021 година. Дали се очекува зголемување на цената на електричната енергија поради намаленото производство во хидроцентралите заради неповолната хидрологија и следствено на тоа зголемениот увоз? -Во овој момент не очекуваме зголемување на цената на електричната енергија. ЕСМ има обврски да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата и тоа по цена која сама си ја определува, бидејќи РКЕ повеќе не ја определува цената на ЕСМ за струјата. Според информациите кои ги имаме, сега цената на ЕСМ изнесува 38,8 евра за мегават час. Факт е дека имаме намалено производство од хидро капацитетите во државата кое пред се се должи на лошата хидрологија која кон крајот на 2020 година ја имаше не само во нашата земја, туку и во регионот и од тие причини имаше потреба од увоз на електрична енергија, но ЕСМ е обврзан  во рамките на таа цена која што ја понудил од 38,8 евра за мегават час да ги обезбеди потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Дали ќе увезува дополнително или не тоа од аспект на цена не е битно, бидејќи во калкулациите на РКЕ влегува цената која ја нуди ЕСМ и во рамките на таа цена ЕСМ ќе си ги покрие своите трошоци за увоз на електрична енергија. Колкав процент треба да обезбеди АД ЕСМ за Универзалниот снабдувач за годинава и дали компанијата ќе биде подготвена да го направи тоа без да предизвика зголемување на цената на регулираниот пазар поради намаленото сопствено производство? -Согласно Законот за енергетика започнувајќи од 2019 година, па до 2025 година ЕСМ има обврска да обезбедува дел од своето производство за потребите на регулираниот пазар, односно за малите потрошувачи и домаќинствата кои се снабдувани од Универзалниот снабдувач. Во 2019 година обврската беше 80 проценти, а ЕСМ обезбеди 100 проценти. Во 2020 година е 75 проценти, во 2021 е 70 проценти и се така до 2025 година кога ќе изнесува 30 проценти. Во зависност од тоа што ќе обезбеди ЕСМ и колку ќе обезбеди ќе има потреба во рамките на своите производни капацитети  да си го оптимизира своето производство. Најдобро  би било доколку ЕСМ обезбеди 100 проценти од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, имајќи  во предвид дека во изминатиот период има убедливо пониска цена отколку што е цената на пазарот на електрична енергија. Овие обврски за процентуално обезбедување откако ќе ги понуди ЕСМ на Универзалниот снабдувач е обврзан целосно да ги обезбеди како што е предвидено со Законот за енергетика. Доколку има зголемени можности би било добро да обезбедува 100 проценти од потребите на малите потрошувачи  и домаќинствата. Обезбедувањето 70 проценти од потребите за Универзалниот снабдувач за годинава е законска обврска која мора да ја обезбеди ЕСМ доколку има пониска цена од цената  на пазарот на електрична енергија, бидејќи се распишува тендер. Доколку се случи  цените на пазарот да бидат пониски од цената на ЕСМ, во што не верувам, во тој случај нема потреба ЕСМ да ги обезбеди тие 70 проценти. До сега се покажа дека тоа не е возможно, а и цената на ЕСМ и во моментов, а и во претходниот период е некаде помеѓу 20 и 30 проценти пониска од пазарната цена на електричната енергија. Во каква кондиција се енергетските компании? -Минатата 2020 година беше карактеристична заради ковид кризата и од тие причини имаше  турбуленции, односно намалување на потрошувачката на електричната енергија во земјите во регионот. Токму тоа беше причината извозните компоненти кои ги има МЕПСО како преносен систем оператор во однос на транзитите да влијаат неповолно на финансиската состојба на компанијата, имајќи во предвид дека во 2019 година приходите од транзит на МЕПСО изнесувале околу 22 милиони  евра, а во 2020 година изнесуваа околу 11 милиони евра што е 11 милиони евра помалку од тоа што било предвидено во одлуките на РКЕ. И кај ЕСМ приходите од продажбата на вишоците на електрична енергија од 2019 година изнесуваат околу 22 милиони евра, а за жал во 2020 година изнесуваат 6 до 7 милиони евра што се 15 до 16 милиони евра помалку од остварените приходи во изминатите години. Тоа беше една од основните причини поради која дојде и до корекција на цената на електричната енергија кон средината на 2020 година. Инаку и двете компании се во добра кондиција, пред се од технички аспект подготвени се за предизвиците кои следат во 2021 година затоа што очекуваме да се нормализира состојбата со Ковид-19 и да расте потрошувачката  на електрична енергија и во нашата земја и во регионот. Очекувањата се дека и ЕСМ и МЕПСО своите обврски кои им произлегуваат од Законот за енергетика ќе ги завршат како што треба. Според мое мислење, најбитно е во 2021 година ЕСМ веќе да започне да покажува поголема активност не само на пазарот на големо на електрична енергија, туку и на пазарот на мало и да продава електрична енергија како што продаваат и останатите снабдувачи. Во Србија државната компанија за производство  е многу активна на пазарот на мало, како и државната ХЕП во Хрватска. И во други земји во регионот најголемите производствени капацитети преку своите компании за снабдување на пазарот на електрична енергија се многу активни. Очекувам во 2021 година конечно и ЕСМ да покаже активност на пазарот на мало на електрична енергија. Дали енергетскиот сектор се покажа како отпорен на пандемијата со КОВИД-19 и кој дел се покажа како најранлив на коронавирусот? -Како најранлив дел од корона кризата се покажа прибирањето на парите од граѓаните бидејќи се создаде ситуација на несигурност и поради тоа во април, мај и јуни 2020 година имавме сериозно нарушување на ликвидноста и кај Универзалниот снабдувач со електрична енергија и кај снабдувачот со топлинска енергија, а во делот на природниот гас немавме такви проблеми, имајќи во предвид дека станува збор за само 60-тина потрошувачи кои се приклучени на системот за природен гас. Најранлив дел беше ликвидноста која успеавме да ја надминеме. РКЕ во овој период побара разбирање од снабдувачите со електрична и топлинска енергија и даде препорака да нема исклучување на граѓаните кои не ги платиле сметките. Во овој период од март до јуни РКЕ препорача и заради неплаќање на сметки да не се наплаќаат казнените  камати. Ситуацијата полека се стабилизира, но се уште имаме остатоци од ова неликвидност кои се провлекуваат, но како ќе доаѓа до нормализирање на ситуацијата, верувам дека проблемот со ликвидноста целосно ќе се надмине. Што може РКЕ да направи за да ги заштити потрошувачите од евентуални ценовни шокови? -РКЕ во рамките на своите надлежности конкрајот на минатата година достави предлог до Министерството за економија со кој побара да се зголеми опфатот на ранливите потрошувачи. Досега како ранливи  категории на потрошувачи се сметаа само домаќинствата кои примаат социјална помош. Со предлогот покрај домаќинствата кои земаат постојана социјална парична помош, бараме во ранливи категории да влезат и домаќинствата во кои нема ниту еден вработен и кои не се корисници на постојана социјална парична помош и немаат друг извор на пари. Бараме во оваа категорија да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице корисник на паричен  надоместок од Агенцијата за вработување во висина на постојната социјална помош и е единствен приход во домаќинството, како и домаќинствата кои се со повеќе од два члена во кои има еден член што е пензионер и добива минимална пензија, односно е во првата група, и тоа е единствен приход во домаќинството. Бараме да се вметнат и домаќинства со повеќе од два члена во кои има само еден вработен со минимална плата чиј износ се движи во висина на постојана социјална парична помош и нема други приходи во домаќинствата. Дополнително, имајќи ги во предвид проблемите кои ги предизвика ковид кризата во економијата, побаравме  во ранливите потрошувачи да се вметнат и домаќинствата кои имаат невработено лице од 1 април 2020 година што е корисник на парична помош во случај на невработеност од Агенцијата за вработување. Бараме да се зголеми бројот на ранливи потрошувачи со цел овие категории на граѓани да си ги обезбедат своите потреби од електрична енергија и да се намали процентот на не наплата со што ќе ја релаксираме ситуацијата и во енергетските компании, бидејќи проблемот со ликвидноста ќе биде целосно надминат и дополнително ќе ја зголемиме ликвидноста на целиот електроенергетски сектор. За да се утврди за колкав број на домаќинства станува збор ќе треба да организираме повеќе заеднички состаноци пред се со Министерството за труд и социјална политика, кое води евиденција за ранливите категории на потрошувачи, и со операторот на дистрибутивниот систем – Електродистрибуција која е одговорна во енергетскиот дел, односно за потрошувачката  на електрична енергија. Тие податоци кои ги имаат од Министерството и соодветните институции во нивна надлежност, заедно со податоците од Електродистрибуција треба да се вкрстат за да имаме точен број на домаќинства. Тоа е сериозна акција и сериозна реформа за која верувам дека ќе биде завршена како што треба. Ќе има ли промени на цената за водните и комуналните услуги во 2021 година и дали ќе се зголемат ингеренциите на РКЕ на тоа поле? -Во делот на водните услуги РКЕ веќе ги определи минималната и максималната цена за водните услуги и 95 отсто од јавните комунални претпријатија се движат во рамките на цените, односно минималната цена е нешто пониска од постојната, а максималната нешто повисока. Самите јавни комунални претпријатија и советите на општините определуваат кои цени ги имплементираат за крајните потрошувачи, односно за домаќинствата и одредени економски оператори. Карактеристично е што со минималната цена не се земени предвид  инвестициите и очекувањата се дека е само за преживување на јавните комунални претпријатија. Во изминатиот период  се случуваше во повеќе општини во државата да имаме подолготрајни дефекти на водоснабдувачките системи што се одразува на работењето на јавните комунални претпријатија  и многу малку се инвестира во водоводната инфраструктура во државата. РКЕ со предлог-законот за Комунален отпад, што е во крајна фаза на усвојување, ќе биде одговорна и за определување на цените на комуналниот отпад така што апсолутно е дека ќе се зголемат нејзините ингеренции. Дополнително ние се уште се залагаме РКЕ во целост да ја преземе ингеренцијата и за определување на цените на водните услуги, бидејќи досега определуваме само минимална и максимална цена, а потоа советите на општините ги носат крајните цени во тие рамки. Бараме РКЕ да ги носи крајните цени за водните услуги. Какви се вашите планови за 2021 година? -РКЕ во текот на минатата година започна неколку инцијативи и целосно ќе бидеме посветени кон нивно имплементирање во пракса во текот на Новата 2021 година. Пред се тоа е зголемувањето на опсегот на ранливите категории на потрошувачи што ни е еден од најбитните приоритети. Втората инцијатива која ја започнавме и беше добро прифатена на сите состаноци со стопанските комори кои функционираат во државава е мапирањето со кое побаравме измена на Законот за градба со цел точно да се знае секое домаќинство на што ќе се грее и во кои делови на Градот Скопје или во соодветните општини кој извор на греење ќе го имаат домаќинствата. Со тоа ќе се знае кои домаќинства ќе бидат на системот за топлинска енергија во Градот Скопје, кои на гас, кои ќе користат електрична енергија или огревно дрво каде нема други услови. Она што го започнавме минатата година и верувам дека ќе заврши позитивно е дадените предлози за дополнителни измени на Законот за енергетика за да може РКЕ да изрекува посериозни казни за носителите на лиценци. Во моментов само можеме да започнеме прекршочни постапки за кои казната на крајот ја одредува Судот и е пет до седум илјади евра. Сметаме дека тоа треба да се промени и РКЕ да може да казнува врз основа на процент од приходите кои ги остваруваат овие компании. На тој начин компаниите ќе станат малку посериозни во извршувањето на своите обврски кои им произлегуваат од Законот за енергетика и од нивните издадени лиценци. Валентин Јанковски фото МИА

Остани поврзан