• сабота, 23 ноември 2024

Бислимоски: Доколку се укине надоместокот од 200 денари ќе се зголеми цената на струјата и мрежарината

Бислимоски: Доколку се укине надоместокот од 200 денари ќе се зголеми цената на струјата и мрежарината

Скопје, 25 март 2024 (МИА) – Доколку се укине надоместокот од 200 денари за приклучок на мрежа цената на електричната енергија во првиот блок ќе се зголеми за 9,03 проценти, во вториот блок за 7,78, во третиот за 6,4 и во четвртиот блок за 3 проценти, додека цената на електричната енергија во евтината тарифа ќе порасне за 14,53 проценти. Ова, како што порача денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, го покажуваат резултатите од моделот на кој работи РКЕ.

-Надоместокот од 200 денари воопшто не влијае на регулираниот максимален приход на Електродистрибуција без разлика дали го има или го нема. Но, доколку нема надоместок мрежарината ќе се зголеми за 25,5 отсто, цената на електричната енергија во првиот блок ќе се зголеми за 9,03 проценти, во вториот блок за 7,78, во третиот за 6,4 и во четвртиот блок за 3 проценти, додека цената на електричната енергија во евтината тарифа ќе порасне за 14,53 проценти, рече Бислимоски на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека РКЕ со воведувањето на надоместокот од 200 денари само воведе правичен начин на распределување на трошоците за електрична енергија.

-Одлуки за цени, за пренос на електрична енергија, за дистрибуција на електрична енергија, тарифни системи за пренос, тарифни системи за дистрибуција, тарифен систем за универзалниот снабдувач носи, а врз основа на тоа и одлуки согласно Законот за енергетика носи само РКЕ. Ниту некој претходно некоја партија вовела евтина тарифа, ниту, пак, некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа. Тоа исклучително може да го направи РКЕ и тоа го правиме врз основа на факти, врз основа на бројки коишто секогаш треба да ги штитат интересите на најголемиот дел од домаќинствата во државата, порача Бислимоски.

Посочи дека како ќе поминува времето потрошувачката на електрична енергија се повеќе и повеќе ќе се намалува пред се заради поставувањето фотоволтаици на покривите.

-Јасно е дека фотоволтаици на своите покриви ќе постават тие што имаат пари. Тие што немаат не може да постават фотоволтаици. Не сметам дека на некој што поставил фотоволтаик и инвестирал од 4,5 до 5 илјади евра му е проблем да плати 200 денари. Доколку не ги плаќа тие 200 денари цената на евтината струја за овие што не поставиле фотоволтаици треба да ни се зголеми за речиси 15 проценти, рече Бислимоски.

Нагласи дека реформите што ги воведе РКЕ во делот на ценовната регулатива даваат резултати.

-Воведувањето на блок тарифите во средината на 2021 година ја постигна целта, имајќи во предвид дека потрошувачката на електрична енергија за домаќинствата во 2023 споредено со 2021 година е намалена за 10 проценти. Како резултат на воведувањето на евтината тарифа во јануари 2024 година, потрошувачката на електрична енергија во евтината тарифа е зголемена за 18 проценти. Значи, 18 проценти од електричната енергија што била во скапа тарифа сега се пресметува во евтина тарифа, односно ако во јануари 2023 потрошувачката била 169 гигават часови во јануари 2024 година таа потрошувачка е 199 гигават часови, прецизира Бислимоски.

Резултат, додаде, два и реформата - транспарентно на сметките на домаќинствата да може да се види колку е трошокот само за енергија, колку е трошокот само за мрежарина. 

-Врз основа на ова сега кога веќе се создаваат услови и домаќинствата коишто длабоко навлегле во четвртиот блок да одат на слободниот пазар на електрична енергија каде што цените на електрична енергија се пониски во однос на цената на електрична енергија во четвртиот блок. Тие ќе може јасно да си пресметаат колкав трошок би понудил снабдувачот што е на слободен пазар споредено со трошокот којшто го имале за енергија која што е во делот каде што се снабдувани од универзалниот снабдувач, рече Бислимоски.вј/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан