• среда, 27 ноември 2024

Бислими: Предлозите на Косово и Србија за динарот се далеку еден од друг, потребна е нова средба

Бислими: Предлозите на Косово и Србија за динарот се далеку еден од друг, потребна е нова средба

Приштина, 25 март 2024 (МИА) – Вицепремиерот и главен преговарач на Косово во дијалогот со Србија, Бесник Бислими изјави дека смета оти има потреба од дополнителна средба за прашањето за српскиот динар, по средбите што ги оствари со главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ во Брисел, со посредство на Европската Унија, јави Радио Слободна Европа на албански јазик.

Косово и Србија денеска разговараа за нивните предлози за прашањето за српскиот динар, чија употреба од 1 февруари беше забранета за готовинско плаќање во Косово.

- Мое мислење е дека овие предлози сé уште се многу далеку еден од друг. Се обидовме да се доближиме, но се чини дека има потреба од дополнителна средба, можеби (посредникот на ЕУ Мирослав) Лајчак ќе понуди да се одржи следната недела, изјави Бислими.

Тој информира дека на средбата во Брисел, со посредство на претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Косово изнело два предлози, но не сакаше да открие детали.

- Имаме два предлога. Знаеме кој е фокусот на секоја страна, но во овој момент повеќе ќе му наштети на процесот ако продолжиме да ги презентираме деталите за двата предлози, рече Бислими.

Првично, претходно во текот на денот, се одржа трилатерална средба меѓу Бислими и Петковиќ, со посредство на претставникот на ЕУ за дијалог, Лајчак. Потоа Лајчак оствари билатерални средби со двете делегации.

Денешните средби беа продолжение на минатонеделната средба, кога двете страни се договорија да предложат решение за динарот. На денешната средба се очекуваше да се разговара за предлозите на секоја страна.

Употребата на динарот за готовински плаќања во Косово беше забранета на 1 февруари, кога Централната банка на Косово донесе нова регулатива со која еврото се определува како единствена официјална валута на земјата.

Ова прашање, освен што ја налути Србија, предизвика и несогласувања меѓу Владата на Косово, предводена од премиерот Албин Курти, и меѓународната заедница, бидејќи српската заедница во Косово со години добива исплати во динари од српскиот буџет.

Западните дипломати побараа од Косово да ја суспендира регулативата и да им даде време на погодените граѓани да се прилагодат на новата практика.

Во интервју за РСЛ минатата недела, премиерот Курти изјави дека нема да бидат прифатени предлози за динарот што се спротивни на регулативата на ЦБК. иа/ссм/

Остани поврзан