• вторник, 10 март 2026

Билатералните односи и меѓународните случувања во фокусот на средбата Рубио – Герапетритис

Билатералните односи и меѓународните случувања во фокусот на средбата Рубио – Герапетритис

Атина, 27 февруари 2026 (МИА) – Разговаравме за прашањата што ги засегаат двете земји. Односите меѓу Соединетите Американски Држави и Грција денес се на највисоко можно ниво. Се наоѓаме во навистина одлична состојба, како во однос на економската соработка, особено во енергетиката, така и во одбранбената соработка, трговијата и економската дипломатија, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Белата куќа, јави дописничката на МИА од Атина.

Во изјава за државната телевизија ЕРТ, шефот на грчката дипломатија посочи дека ова е втора средба со Рубио во изминатата година и нагласи дека двете земји имаат „многу добар и многу конструктивен однос“, но и дека постојат редовни разговори и за прашања што се однесуваат на билатералните односи и за меѓународните и регионалните случувања.

- Во однос на евроатлантските односи, имавме можност да разговараме за односите што се развиваат во новата динамична средина. Односите меѓу Соединетите Американски Држави и Европа се структурни односи, што се развија по Втората светска војна. Наше заедничко уверување е дека треба да градиме врз овој однос и, и покрај проблемите што повремено може да се појават, исклучително е важно да можеме да ги обединиме нашите сили и да ги промовираме идеите што го изградија Западот, рече Герапетритис.

Додаде дека за регионалните случувања, разговарале за актуелни прашања и регионите каде во моментов постојат глобални опасности, како што се Блискиот Исток, Иран, Украина и Субсахарска Африка.

- Би сакал уште еднаш да нагласам дека Грција е во првите редови на меѓународните случувања, со цврст и доследен став. Ние сме тие кои ги ко-обликуваме случувањата, а не само да ги следиме. Со визија за нашата татковина, со решителност и сила, без дефетизам, со самодоверба, порача шефот на грчката дипломатија. ср/јт/

Фото: Министерство за надворешни работи на Грција

Остани поврзан