• понеделник, 23 декември 2024

Биден: Путин сака доминација во Балтичкото Море

Биден: Путин сака доминација во Балтичкото Море

Стокхолм, 22 мај 2024 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин сака доминација во Балтичкото Море и за тоа му е потребен шведскиот остров Готланд, изјави началникот на Генералштабот на шведските вооружени сили Пер Микаел Биден.

Тој рече дека Русија е особено заинтересирана за Готланд, најголемиот остров во Шведска, кој се наоѓа на околу 330 километри северно од руската ексклава Калининград и каде е сместена руската балтичка флота и дека е стратешки важен за одбраната на регионот на Балтичкото Море.

„Убеден сум дека Путин ги има двете очи вперени во Готланд. Целта на Путин е да ја преземе контролата над Балтичкото Море. Кој го контролира Готланд го контролира Балтичкото Море“, изјави шведскиот генерал во интервју за германската РНД.

Тој додаде дека Русија ако ја преземе контролата врз островот, тоа може да им загрози земјите на НАТО од море.

„Ова би значело крај на мирот и стабилноста во нордиските и балтичките региони“, најави шефот на шведската армија.

Биден изјави дека поради оваа причина, Шведска го зајакнала своето воено присуство на Готланд, со постојани трупи и дополнителни сили кои можат привремено да бидат распоредени доколку нивото на ризик ескалира.

Шведска официјално се приклучи на НАТО на 7 март, речиси две години откако поднесе барање за приклучување кон Алијансата, објаснувајќи го крајот на 200-годишната формална воена неутралност како директен одговор на руската инвазија на Украина.

Министерството за одбрана на Русија предложи ревизија на државната граница во руските територијални води во Балтичкото Море.

Во нацрт-уредбата од 21 мај објавена на федералниот портал на нацрт-регулаторни правни акти, Министерството предложи прилагодување на границата околу руските острови во источниот дел на Финскиот залив и околу Калининград, јавуваат руските агенции.

Како што е објаснето, за да се обезбеди безбедност на пловидбата, се предлага прилагодување и преобјавување на националните карти за поморска навигација во соодветна мера.

Наведено е и дека документот моментално е во фаза на подготовка. паг/

Фото: Фејсбук

 

 

Остани поврзан