• сабота, 16 ноември 2024

Би-би-си: Украински дрон уништил бомбардер „Ту -22“ длабоко на руска територија

Би-би-си: Украински дрон уништил бомбардер „Ту -22“ длабоко на руска територија

Лондон, 21 август 2023 (МИА) – Руски бомбардер од долг дострел „Ту-22“, гордоста на руската воена авијација, е уништен во напад на украински дрон, јави денеска Би-би-си, повикувајќи се на слики објавени на социјалните мрежи, што се подложни на анализа на оваа медиумска куќа.

На сликите се гледа запален „Тупољев Ту-22“ во воздухопловната база „Солци-2“, јужно од Санкт Петербург.

Москва соопшти дека дронот бил погоден со оган од малокалибарско оружје, но дека успеал да „оштети еден авион“. Објаснувањето е дека „во терористичкиот акт нема жртви“ и дека „пожарот на пистата на аеродромот е брзо изгаснат“.

Украина засега не го коментираше овој извештај.

Бомбардерите „Ту-22“ летаат со двојно поголема брзина од брзината на звукот и Русија ги користи за напади врз градовите во Украина.

Руското Министерство за одбрана во денешното соопштение наведе дека нападот со „коптерско беспилотно летало“ се случил околу 10 часот по московско време, на „воениот аеродром во Новгородската област“. Би-би-си објансува дека во овој регион се наоѓа и воздухопловната база „Солци-2“.

Сликите објавени на платформата за социјални медиуми Телеграм покажуваат голем пожар што проголтува авион „Ту-22“ со неговиот карактеристичен конус на носот.

Сервисот за верификација на Би-би-си (BBC Verify) ги анализираше фотографиите и верува дека тие се автентични.

Оваа операција укажува на фактот дека е зголемена оперативната способност на Киев да напаѓа цели длабоко во руската територија, затоа што аеродромот „Солци-2“ се наоѓа на околу 650 километри од границата со Украина. сд/

фото:Телеграм

Остани поврзан