• вторник, 24 декември 2024

БЕСТ Мобилити – НТА: Проблеми за превозниците по мерката на Бугарија за дезинфекција на возилата на Капитан Андреево – Капикуле

БЕСТ Мобилити – НТА: Проблеми за превозниците по мерката на Бугарија за дезинфекција на возилата на  Капитан Андреево – Капикуле

Скопје, 18 септември 2024 (МИА) - Транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити – НТА денеска укажа дека македонските патни транспортери се соочуваат со проблеми во работењето при патните превози преку Бугарија, на нејзиниот граничен премин со Турција, Капитан Андреево – Капикуле, каде што бугарските гранични органи повторно ја воведоа непопуларната мерка дезинфекција на возилата. Асоцијацијата бара итна реакција и интервенција од надлежните органи поради штетите за превозниците  поради забавениот транспорт на стоките.

Покрај директниот трошок (од 20 евра по возило), посочува асоцијацијата, оваа мерка, на сите превозници, кои минуваат тука им носи и многу поголема индиректна финансиска штета со зголеменото време на чекање и на минување на границите, што се одразува на вкупното времетраење на нивните транспорти на стоки. Тоа, посочуват, редовно се пролонгира токму поради хаосот што се создава со воведувањето на мерката, што според некои најави ќе следи и на сите други бугарски гранични премини. Ова, пак, се заканува да резултира со реципрочни мерки од соседите на Бугарија, при што Турција, но и Грција веќе бараат начини и како нивните транспортери да ја заобиколат.

-Оваа неприфатлива мерка и нова обврска, која неодамна ја воведе Бугарија за дезинфекција на возилата на граничните премини, која засега се применува само на граничниот премин Бугарија-Турција, Капитан Андреево – Капикуле, не само што предизвикува значителни дополнителни трошоци за нашите превозници, туку и го зголемува времето на чекање на границите, што е неприфатливо за нашиот транспортен сектор, изјави Оливера Миовска, претседател на нашата транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити – НТА, а воедно и заменик- претседател на БСЕЦ-УРТА.

Информирајќи ги македонските надлежни органи за овој проблем, Миовска посочува дека постои официјална информација дека оваа мерка наскоро ќе се применува на сите бугарски гранични  премини. 

-Со оглед на тоа дека оваа пракса беше прекината по долгогодишна борба на превозниците пред 15 години, а сега повторно се воведува, евидентно е дека е потребна брза и одлучна реакција од сите нас. Претставниците на турските и грчките превозници веќе размислуваат за алтернативни транспортни коридори, што само укажува на сериозноста на ситуацијата и потенцијалот за економски и логистички последици при регионалната размена. Македонските превозници, кои често ја користат оваа рута, се соочуваат со истите последици и се подложни на новите оптоварувања наметнати од Бугарија. Како претставник на македонските транспортери на национално и меѓународно ниво, а и како потпретседател на БСЕЦ-УРТА, сме согласни дека оваа неправедна и оптоварувачка мерка треба да биде укината што е можно поскоро, вели Миовска.

Потребно е, посочува, да се обединат сите засегнати страни и да се изврши притисок кај надлежните органи во Бугарија за да се избегне понатамошно ескалирање на проблемот. Потребно е да преземат итни мерки за да ги заштитиме нашите транспортни оператори од овие непотребни оптоварувања.

Миовска потенцира дека е неопходна брза реакција и интервенција и на нашите надлежни органи за да се реши и коригира оваа ситуација, за која, како одговор Турција веќе воведе реципрочни мерки, само за тој граничен премин и само за бугарските возила.

Според БЕСТ Мобилити – НТА, дека состојбата може да ескалира дополнително поради повторното воведување на оваа мерка од бугарска страна зборува и фактот дека пристигнуваат жестоки реакции и од меѓународните фактори, како Меѓународната унија за патен транспорт – ИРУ, најстарата и најголемата транспортна асоцијација на патните превозници во светот, со седиште во Женева, а неодамна и од БСЕЦ-УРТА, Унијата на патни транспортни асоцијации во регионот на економска соработка на Црното Море.

БЕСТ Мобилити – НТА, споделува дека за време на 44-тото Генерално собрание на БСЕЦ-УРТА.одржано во почетокот на овој месец во Ташкент, Узбекистан, Бугарија е јавно укорена за хаосот на границите, настанат со воведената мерка. Истовремено, од голем број транспортни асоцијации, а меѓу нив и од бугарските, најдиректно се нотира дека додека меѓународните транспортни организации работат заедно со националните влади и структурите на ЕУ да овозможат патниот транспорт да испорача стоки на економичен начин, безбедно и непречено и преку интегриран патен транспорт и меѓусебно поврзани пазари, Бугарија применува двојни стандарди и не прави ништо за да го олесни преминот на границите.

-Инаку, за штетноста на новововедената мерка во Бугарија осуда пристигнува и од бугарските патни транспортери и нивните асоцијации, кои исто така инсистираат тамошните надлежни државни органи под итно да ја повлечат мерката за дезинфекција на возилата на граничните премини. Оттаму наведуваат и дека враќањето на дезинфекцијата формално е по препорака на државните здравствени органи на Бугарија, но, велат, сметката ја плаќаат превозниците. Со тоа, додека меѓународните транспортни организации работат заедно со националните влади и структурите на ЕУ да овозможат патниот транспорт да испорача стоки на економичен начин, безбедно и непречено и преку интегриран патен транспорт и меѓусебно поврзани пазари, Бугарија применува двојни стандарди и не прави ништо за да го олесни преминот на границите, информира БЕСТ Мобилити – НТА.

На 44.Генерално собрание на БСЕЦ-УРТА, одржано во почетокот на септември во Ташкент, Узбекистан, Оливера Миовска, претседател на БЕСТ Мобилити – НТА од нашата земја повторно е избрана за потпретседател на оваа Унија на патни транспортни асоцијации во регионот на економска соработка на Црното Море, за периодот од 1 јануари 2025 до крајот на 2027 година. 

Реизборот на Миовска, како што е образложено, е своевидно признание за транспортните работници од нашата земја и за нивната севкупна активност во меѓународниот патен транспорт.

Македонската национална транспортна асоцијација БЕСТ Мобилити – НТА е асоцијација на повеќе од 1.600 македонски транспортни оператори, вклучени во меѓународниот патен транспорт.

На состанокот на Генералното собрание на БСЕЦ-УРТА, Едуарт Каса едногласно е реизбран за претседател на БСЕЦ-УРТА, а за потпретседатели се избрани и Јулијан Поштица од AITA (Молдавија) и Медан Ромео од UNTRR (Романија), присуствуваа и водечките личности на ИРУ, претседателот претседателот Раду Динеску и генералниот секретар Умберто Де Прето, а се разговараше за важни проблеми на меѓународниот патен транспорт, како што се потребата од дигитализација, олеснување на транспортот и засилено регулирање на визите за возачи, особено во Шенген зоната и остатокот од светот. Стана збор и за најновите подобрувања на граничните премини на БСЕЦ, како што се олеснувањата на ТИР-ЕПД, неодамна применети меѓу Романија, Молдавија и Украина. Генералното собрание на БСЕЦ-УРТА ги сподели и најновите случувања и активности за дигитализација на документите за патен транспорт, каде што се преземени огромни чекори во дигитализацијата и олеснувањето на транспортните документи, како што се еДозволи, eCMR и eTIR. Притоа, беше одлучено да се следи и работата на ОТС од Турција на овој план. лв/дма/

фото:БЕСТ Мобилити НТА 

Остани поврзан