Бесплатни прегледи за тетовските пензионерки по повод меѓународниот месец за борбата против рак на дојката
- Здружението на пензионери во Тетово преку Комисијата за здравство, организира бесплатни субспецијалистички ехо-прегледи во текот на октомври, по повод меѓународниот месец за борбата против ра
Тетово, 3 октомври 2022 (МИА) - Здружението на пензионери во Тетово преку Комисијата за здравство, организира бесплатни субспецијалистички ехо-прегледи во текот на октомври, по повод меѓународниот месец за борбата против рак на дојката.
Прегледите се вршат во просториите на Здружението во Тетово во вторник, четврток и петок од 10 до 14 часот од страна на специјалист радиолог д-р Павле Спасеновски.
-Со оглед дека октомври е меѓународниот месец за борбата против рак на дојката секој вторник, четврток и петок од 10 до 14 часот ќе има бесплатни прегледи, а пензионерите не треба да носат ни упат само треба добра волја да дојдат на прегледи да се јават тука. Резултатите се даваат веднаш, а ако има потреба за понатамошно третирање им даваме и рентген снимки, изјави д-р Спасеновски.
Докторот потенцира дека превентива и честите прегледи се најдобар начин за брзо октривање на оваа болест. Со соодветен третман пациентката може да ги избегне трагичните последици.
-За жал за рак на дојка, за малигнитетот, нема никакви симптоми, единствено е што треба да се најде тврда грутка во градите. Сепак треба да се прави и разлика, бидејќи секоја циста е тврда, а не секоја циста е значи и рак на дојката. Прв посериозен знак кој жените може да го препознаат е да се допира кожата на градите и ако станала како кора од портокал, тоа е знак дека нешто не е во ред и да се јават за преглед, изјави д-р Спасеновски.
Тетовското пензионерско здружение има над 11 илјади членови.ас/