• вторник, 30 јули 2024

Бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ и еластографија за хронични црнодробни заболувања

Бесплатен скрининг за хепатитис Б, Ц и ХИВ и еластографија за хронични црнодробни заболувања

Скопје, 29 јули 2024 (МИА) - Министерството за здравство заедно со Клиниката за гастроентерохепатологија и „Хепар центар“ - Битола по повод Светскиот ден за борба против хепатитисот, започнаа заедничка национална кампања за бесплатен и анонимен скрининг за хепатитис Б, хепатитис Ц и за ХИВ, како и еластографија за хронични црнодробни заболувања.

Министерот за здравство Арбен Таравари ја посети мобилната единица во центарот на Скопје, од каде информираше дека националната кампања ќе се реализира во десет градови во државата.

Целта на кампањата, како што беше посочено на настанот, е подигнување на свесноста за црнодробните болести, како што се црнодробен карцином, замастување на црниот дроб од алкохолна и неалкохолна природа, цироза и ретки болести на црн дроб.

Милан Мишковиќ, заменик претседател на „Хепар центар“ - Битола, информираше дека бројката во нашата држава, се движи меѓу два и три проценти хроничен хепатитис Б и Ц, но, голем дел од таа популација сѐ уште не е детектирана.

- На европско ниво во моментот има програма што овозможува голем број алатки за земјите членки на ЕУ, како и земјите аспиранти кои треба да направат потези во наредниот период и да потпишат одредени договори кои се подготвуваат за да бидат дел од оваа програма. Со тоа да се овозможи и нашиот здравствен систем полека инфраструктурно и дијагностички да се подобрува. Очекуваме наскоро и лековите за хепатитис Б да бидат дел од позитивната листа, подвлече Мишковиќ.

Тој нагласи оти со кампањата, голем дел од граѓаните ќе имаат можност да го откријат нивниот статус.

- Се подготвува нова национална скрининг програма за хепатоцелуларен карцином, која допрва ќе се изработува. Се надеваме дека до крајот на годинава ќе имаме подетални информации, најави Мишковиќ.

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Мери Трајковска рече дека секојдневно во светот умираат околу 3.400 луѓе како последица на хронична инфекција со хепатит, така што се надеваат дека оваа скрининг програма што е во најава, како и новите лекови за хепатит Ц кои веќе ги имаме три години, ќе помогнат да се намали процентот на болни во државата.

Директорот на Инфективната клиника Фадил Цана рече дека и Клиниката со која раководи, годинава во соработка со Министерството за здравство, има буџет со кој ќе се лекуваат пациентите со хепатит Ц.

- Можам да кажам дека од 2015 наваму некаде околу 800 пациенти се поминати на Клиниката за инфективни болести кои се во лекување околу 700-750, и ова е тивка епидемија која секој ден демне на нашите врати. Мислам дека е редно овој ден да се користи за ден кога треба да се подигне свесноста, особено на граѓаните, дека превенцијата е многу важна, како и раната дијагностика и современиот начин на лекување, додаде Цана. бд/бак/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан