• четврток, 26 декември 2024

Бесими на средба со сметководителите: Заеднички ќе работиме на нов закон што ќе ја унапреди сметководствената професија

Бесими на средба со сметководителите: Заеднички ќе работиме на нов закон што ќе ја унапреди сметководствената професија
Скопје, 18 март 2021 (МИА) - Нов Закон за сметководствени работи, којшто ќе биде во согласност со директивите на ЕУ и со европските практики во насока на унапредување на сметководствената професија, се изготвува во соработка со стопанските комори. Министерството за финансии, низ инклузивен процес на соработка со коморите и други засегнати страни во којшто тие ќе можат да дадат свои видувања и предлози за целокупниот процес, работи на нов закон којшто ќе овозможи одржлив развој и саморегулација на сметководствената професија, воспоставување и спроведување професионални стандарди и заштита на јавниот интерес. Во оваа насока, како што соопштуваат од Министерството за финансии, денеска е одржан состанок со сите засегнати страни. - Верувам дека целта ни е единствена, односно, во еден заеднички процес на соработка да ги утврдиме решенијата што ќе бидат во интерес на сите ваши колеги, на оние што сакаат или ќе сакаат да се занимаваат со оваа професија, како и во интерес на сите оние што ги користат сметководствените услуги. Притоа, имаме обврска решенијата да бидат во согласност со единствените европски правила во однос на давањето услуги и меѓународно прифатените стандарди во оваа област. Со новиот закон потребно е да се обезбеди слободен влез во сметководствената професија, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими. Притоа додаде дека е потребно континуирано да се унапредува процесот на професионално усовршување, согласно со меѓународно прифатените стандарди и да се овозможи поголема инклузивност и транспарентност во работењето на Институтот за сметководители и овластени сметководители. - Со новите одредби, Институтот ќе започне и во континуитет ќе има обврска да ги преведува меѓународите стандарди за финансиско известување и ќе ги воспостави потребните стандарди за влез на Институтот во ИФАК (IFAC), нагласи тој. Нацрт-законот, како што информира министерот, ќе биде доставен до коморите во текот на следната недела, при што ќе се очекуваат коментари и предлози од страна на коморите до крајот на март пред  да биде објавен на ЕНЕР. скс/лв/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан