• среда, 25 декември 2024

Беровскиот дом за стари лица ќе го зголеми капацитетот за прием на нови корисници

Беровскиот дом за стари лица ќе го зголеми капацитетот за прием на нови корисници
Берово, 26 септември 2022 (МИА) - Беровскиот дом за стари лица ,,д-р Иван Влашки" ќе го зголеми |капацитетот за прием на нови корисници. За таа цел како што информираа од Општината потпишан е договор за соработка, со Министерството за труд и социјална политика, кој се однесува за реконструкција и адаптација на четвртата ламела од Домот за стари лица „д-р.Иван Влашки“ во Берово. -Целта на договорот е унапредување, промоција и поддршка на политиките за развој на социјалните услуги на локално ниво и подобрување на квалитетот и пристапот на услугите, согласно потребите на граѓаните во социјален ризик, со што ќе работиме на зголемување на капацитетот, за нови 28 корисници во домот. За ваквата адаптација од страна на Министерството за труд и социјална политика, издвоени се 14,1 милион денари, информираа од Општина Берово. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски кој заедно со министерката Јована Тренчевска го потпиша договорот додаде дека преку реализацијата на овој проект општината и понатаму продолжува да ги препознава потребите на граѓаните. -Во овој случај особено работиме на препознавање на потребите на повозрасната група на граѓани овозможувајќи достоен живот за сите. Голема благодарност до Министерството за труд и социјална политика, кое не препознава како сериозен партнер во развојот на социјалните услуги на локално ниво и ни овозможува реализација на вакви големи проекти, рече Пекевски. Најави дека Општината ќе продолжи со заложбите за унапредување на квалитетот на живот на старите лица и на сите граѓани во Општина Берово. вс/ир

Остани поврзан