• сабота, 23 ноември 2024

Берово им оддава почит на загинатите бранители од воениот конфликт во 2001 година

Берово им оддава почит на загинатите бранители од воениот конфликт во 2001 година

Берово, 23 јуни 2024 (МИА) - Во Берово денеска се одбележуваат 23 години од смртта на загинатите бранители Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски, кои загинаа во воениот конфликт 2001 година и три години од подигање на спомен- обележјето, кое во нивна чест го подигна Општина Берово. 

Делегации од Единиците на загинатите бранители, од Општина Берово, од семејствата на загинатите бранители, ОВР Берово, Организација  на резервни офицери Берово - Пехчево  и политичките партии,  положија цвеќе на спомен-обележјето на загинатите бранители. 

Пред присутните беше прочитан краток реферат за делото на загинатите бранители и со едноминутно молчење беше оддадена почит.


-Во знак на голема почит кон загинатите бранители, во Берово се преименувани имињата на четири улици, со што  уште еднаш,  им се поклонуваме и  го овековечиме споменот на нашите херои, чии животи се вградени во темелите на нашата земја. Вечна им слава на загинатите бранители и вечен спомен на Зоран Бубевски, Никола Пехчевски, Љупчо Мирчовски и Димитар Двојаковски. Нивното спомен-обележје засекогаш ќе ги избрише од заборав нивните ликови, истакна градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

Во рамки на пригодниот реферат беше потенцирана пораката дека не постои поголема вредност, поголема доблест од тоа да се стави сопствениот живот на браникот на татковината, акт длабоко вткаен во опстојувањето на една држава. вс/мд/


Фото: МИА

Остани поврзан