• вторник, 26 ноември 2024

Бери: Ирска е терен за руските разузнавачи

Бери: Ирска е терен за руските разузнавачи

Даблин, 7 октомври 2024 (МИА) - Ирска е терен за активности на руските разузнавачки служби, предупреди поранешниот заменик командант на ирската воена единица Кахал Бери, откако некои медиуми објавија дека Кремљ регрутирал пратеник од ирскиот парламент за да ги саботира англо-ирските односи за време на преговорите за Брегзит.

Бери, кој сега е пратеник, изјави за „Гардијан“ дека не е изненаден од извештајот дека неименуван политичар бил регрутиран како агент во интерес на Русија.

Тој за „Ајриш Тајмс“ рече дека Ирска е мета за секој што бара западна земја со значителни ресурси, но слаба безбедносна култура.

„Тука Русите можат да добијат максимум со минимален напор“, оцени Бери.

Според извештајот во „Ајриш Сандеј Тајмс“, целта на операцијата била да се воспостави контакт со лојалистичките паравоени групи за време на чувствителните преговори со Обединетото Кралство околу контролата на границата со Ирска.

Мисијата е поврзана со пошироката хибридна војна на Русија, што ја откри Европската Унија, а која вклучува дезинформации, подметнување пожари и антисемитски напади.

Ирските воени и безбедносни служби го идентификуваа потенцијалниот агент, чие кодно име е „Кобалт“, но тој сè уште е на функција. Нема докази дека добил пари за своите услуги или дека пренел информации на Русите. Тој не е уапсен или обвинет, објави „Гардијан“.

Опозицискиот пратеник Бојд Барет повика на акција и додаде дека секој кој работел за странски сили, наместо за интересите на народот, мора да одговара. ссм/

фото: архива

Остани поврзан