• недела, 15 декември 2024

Бербок нуди германска помош за уништување на сириското хемиско оружје

Бербок нуди германска помош за уништување на сириското хемиско оружје

Берлин, 11 декември 2024 (МИА) – Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека нејзината земја ќе го зголеми своето присуство во Сирија со цел да се уништи арсеналот хемиско оружје оставен по неодамнешното соборување на претседателот Башар ал Асад.

- Сега имаме шанса еднаш засекогаш да го заштитиме светот од хемиското оружје на Ал Асад, рече Бербок, нудејќи германска помош за отстранување и уништување на оружјето, процес што претходно го помагаше во Сирија, јави ДПА.

- Оружјето што сè уште постои мора да биде ставено под меѓународен надзор што е можно побрзо, рече таа по состанокот на Владата во Берлин.

Бербок го објави и назначувањето на Тобијас Линднер, висок функционер во нејзиното министерство, за специјален координатор на Германија за Сирија.

Германија, исто така, треба да обезбеди 8 милиони евра (8,4 милиони долари) во првичниот пакет хуманитарна помош за Сирија за да помогне во стабилизирањето на земјата, објави Бербок.

Цените на храната во Сирија драстично се зголемија поради соборувањето на владата на Ал Асад, кој побегна од Дамаск во Москва додека бунтовничките сили ја зазедоа земјата. Истакнувајќи дека само цената на лебот се зголеми за 900 отсто во изминатите неколку дена, Бербок рече дека е потребно до локалното население да стигне поголема помош. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан