• сабота, 21 декември 2024

Белорусија им забрани на граѓаните да ги обновуваат пасошите во странство

Белорусија им забрани на граѓаните да ги обновуваат пасошите во странство

Минск, 5 септември 2023 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска им забрани на граѓаните да ги обновуваат пасошите додека се во странство, што би можело да ги натера оние кои избегале од земјата поради зголемената репресија да се вратат за да ги задржат патните документи.

Се проценува дека 200 до 300 илјади Белоруси ја напуштиле земјата во изминатите три години, откако масовните протести против изборите кои го вратија Лукашенко на функцијата претседател, доведоа до брутално задушување на политичката опозиција. Изборните резултати според многумина се манипулирани.

Во декретот на Лукашенко се наведува дека белорускиот пасош може да се обнови само доколку сопственикот бил регистриран жител пред да ја напушти земјата.

Лидерката на опозицијата Светлана Тихановска, која побегна во Литванија откако се кандидираше против Лукашенко на изборите во 2020 година, ги предупреди своите сонародници дека „дури и да им истече важноста на пасошот, не треба да се враќаат во татковината, бидејќи ризикуваат да станат цел на прогон“.

Тихановска изјави дека Полска и Литванија издаваат таканаречени „странски пасоши“ на Белорусите кои им дозволуваат да останат во тие земји. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан