Белгија засега се воздржува од признавање на палестинска држава
- Премиерот Александер де Кро изјави дека е премногу рано за признавање на палестинска држава и дека Белгија се стреми кон непосредно подобрување на состојбата на терен. Министерот за надворешни работи, Хаџа Лабиб, додаде дека признавањето е прашање на време и дека треба да има значаен ефект, а не да биде само симболично.
Брисел, 22 мај 2024 (МИА) - Белгиската влада денеска расправаше за признавање на палестинска држава, но не донесе одлука за тоа, соопштија локалните медиуми.
Неколку партии од коалиционата влада, вклучувајќи ги „Зелените“, „Христијандемократи и фламанци“ и „Напред“ (социјалисти), бараат признавање, додека либералите од „Реформаторско движење“ и „Отворени либерални демократи и фламанци“ се воздржани по ова прашање.
Премиерот Александер де Кро изјави дека е премногу рано за признавање на палестинска држава и дека Белгија се стреми кон непосредно подобрување на состојбата на терен. Министерот за надворешни работи, Хаџа Лабиб, додаде дека признавањето е прашање на време и дека треба да има значаен ефект, а не да биде само симболично.
Во март, белгиската влада побара итен прекин на огнот во Газа и почитување на меѓународното право.
Девет од вкупно 27 земји-членки на Европската Унија ја признаваат Државата Палестина. Осум од нив го сторија тоа пред да се приклучат на блокот - уште кога палестинскиот лидер Јасер Арафат ја прогласи Палестина за независна држава на 15 ноември 1988 година - Малта, Кипар, Чешка и Словачка (до 1993 година Чехословачка), Унгарија, Романија, Бугарија и Полска. По нив во 2014 година следеше Шведска, која стана првата земја што ја призна Палестина по пристапувањето во ЕУ. ссм/
фото: архива