• вторник, 24 декември 2024

Бектеши: При крај анализите за продолжување на замрзнатите цени на прехранбените продукти, најверојатно ќе се има ограничување на трговските маржи

Бектеши: При крај анализите за продолжување на замрзнатите цени на прехранбените продукти, најверојатно ќе се има ограничување на трговските маржи
Скопје, 16 февруари 2022 (МИА) - Веќе се при крај сите анализи што ги врши Секторот за трговија во склоп на Министерството за економија во соработка со другите економски ресори во Владата за евентуално продолжување на мерката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти што важат до крајот на месецов, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Со одлука на Владата од 5 декември минатата година замрзнати се цените на лебот, шеќерот, брашното - тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенинините со цените што ги имале на 1 декември 2021 година. -Оваа и наредната недела ќе имаме директни средби со сите засегнати страни, посебно со производителите и трговците со прехранбените производи кои се наведени во одлуката за замрзнување за да најдеме начин да нема зголемување на цените. Најверојатно ќе се оди со дефинирање на одредени маржи во трговијата на мало и на големо. Во делот на производите што ги произведуваме дома ќе може да се интервенира со замрзнување на цените, но забележавме дека генерално има поголемо зголемување на цените на тие производи кои се увезуваат во нашата држава и затоа најверојатно ќе се оди со опцијата на ограничување на трговската маржа, потенцира Бектеши во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и министерот за образование и наука Јетон Шаќири. Нагласи дека сме можеби единствената држава, посебно во регионот, која во време на пандемијата донесе вакви одлуки за замрзнување на цените, а сега и повторуваме одредени одлуки. Ова наше искуство, потенцира, го преземаат и други држави од регионот. -Ако се вратиме назад во времето кога беше објавено дека целосно ќе има затворање на одредени сектори ние такви одлуки носевме како Влада, дополнително имавме и други начини и можности како да им помогнеме на граѓаните со цел да ја подигнеме потрошувачката и да влијаеме на намалување на нивните трошоци и да не влијаеме негативно на животниот стандард.  Веќе од декември се применува мерката за замрзнување на цените и е во сила до крајот на февруари. Во текот на оваа недела со економските ресори и со сите чинители, посебно во делот на производителите на овие основни производи, ќе имаме дискусии и најверојатно согласно првичните информации кои ги има Секторот за трговија ќе одиме со опцијата на одредување на маржи, имајќи во предвид дека согласно нашите анализи на таков начин нема да има ценовни шокови за основните прехранбени производи, прецизира Бектеши. Прашан за коментар за најавените протести на Комората за енергетика за во петок заради високите цени на електрична енергија што ги плаќаат компаниите и за барањето на ЗЕЛС за средби со Владата за изнаоѓање начин за подмирување на високите сметки за струја што ги имаат општините, Бектеши рече дека е демократско право на сите чинители на мирен начин да го кажат тоа што го мислат. -Демократско право е на сите чинители, вклучувајќи ги и коморите, иако како што сум информиран одредената комора не е ни регистрирана во склоп на најголемите комори во нашата држава, да држат протести и на мирен начин да го покажат тоа што го мислат.  Во однос на ЗЕЛС би ве повикал да се обратите до ЕВН и до ЕСМ која во овој момент управува со БЕГ, за да ги добиете износите на неплатените фактури од месец декември, да не зборуваме за првиот месец од годинава, рече Бектеши. вј/лв/

Остани поврзан