• среда, 25 декември 2024

Бектеши: Примерот на битолската млекарница треба да го следат и други компании

Бектеши: Примерот на битолската млекарница треба да го следат и други компании

Битола, 29 септември 2023 (МИА) - Примерот на битолската млекарница треба да го следат и други производители, домашни но и увозниците, за да можеме заедно да влијаеме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

За време на посетата на БиМилк во Битола, владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, беа информирани за новите инвестиции на компанијата.

-Битолската млекарница е единствената од компаниите во млечната индустрија која немала зголемување на цените откако завршија првите мерки и затоа јавно се заблагодарувам на менаџментот што во ова кризно време покажа голема општествена одговорност и излегоа во пресрет на нивните клиенти и потрошувачи. Вакви примери треба да ги следат и други производители, домашни но и увозниците, за да можеме заедно да влијаеме за подобрување на животниот стандард на граѓаните, изјави министерот Бектеши.

На прес конференција во БиМил, генералниот директор на таа компанија Ѓорги Петрушев, најави нови инвестиции за зголемување на количините на сурово млеко и поголема продуктивност на производството.

-Потрошувачот е во центарот на нашето внимание и во поглед на квалитетот на производот, но и во поглед на цената со која настојуваме да обезбедиме одржливост. Да се биде една од најголемите млекарници во земјата, само по себе е голема одговорност. Ние континуирано вложуваме во производството, но не застануваме тука, ние вложуваме и во подигнувањето на млечната база, односно примарното земјоделско производство, бидејќи заеднички оценивме дека тоа е еден од клучните предизвици со кој треба да се занимаваме во наредниот период, посочи Петрушев и додаде дека БиМилк ќе ги зголемат количините на расположиво сурово млеко, но и продуктивноста на производството. мт/ 

фото: МИА

Остани поврзан