Бектеши: Буџетот е ликвиден, сите обврски се исплаќаат редовно
- Во буџетот има пари и сите обврски на Владата, како што се пензии, плати, но и обврските кон компаниите, се исплаќаат редовно, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши во дебатн
Скопје, 23 мај 2022 (МИА) - Во буџетот има пари и сите обврски на Владата, како што се пензии, плати, но и обврските кон компаниите, се исплаќаат редовно, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 во кој се дебатираше за ребалансот на Буџетот.
- Ребалансот помина на Влада. Опозицијата не се појавува на дебати, но еве би сакал да ги поканам во Собрание да дебатираме за нивните предлози, посочи Бектеши.
Тој нагласи дека од најавената позајмица од 900 милиони евра, најголем дел од средствата ќе бидат наменети за враќање на долгови од претходните влади.
- Како што објасни и министерот за финансии и јас кажувам дека голем дел од овие средства се за враќање на долгови кои ги наследивме од претходните влади, рече Бектеши.
Министерот за економија истакна дел од овие средства ќе бидат искористени и за нови мерки, што ги подготвува Владата за помош на граѓаните и компаниите, а пред се за социјално загрозените категории.
- На почетокот на годината предвидовме 100 милиони евра за помош за граѓаните, сега проектираме нови 80 милиони евра, повторно како директна помош за граѓаните и компаниите. Ние работиме напорно, за да им помогнеме на граѓаните, порача Бектеши.
Во тој правец Бектеши најави и дека нема да биде укината евтината тарифа за електрична енергија.
- Од 22 навечер до 7 наутро ќе остане за граѓаните евтината тарифа за струјата. Од 7 наутро ќе има четири т.н. блок тарифи, но евтината тарифа нема да биде промената, истакна министерот Бектеши.
Министерот за економија посочи и дека 17 потрошувачи направиле сериозни злоупотреби на законот и плаќале пониска цена на електрична енергија.
- Се работи за верски објекти, приватни училишта кои прават големи профити, супермаркети, хотели, бизнисмени, но не е коректно да ги спомнам со имиња сите, изјави Бектеши, посочувајќи дека тие направиле злоупотреба така што во моментот кога на берзите се покачи цената на електрична енергија, тие веднаш формирале нови компании во кои немале потреба да вработат над 50 луѓе и немале обврска да имаат приходи од над два милиони евра претходната година.
Бектеши истакна дека за ваквите постапки ќе мора да се понесе одговорност.
- Имаме сериозни докази за компаниите кои направиле злоупотреба и за тоа е известена и УЈП и чекаме нивна реакција, рече Бектеши.
Тој најави и дека почетокот на изградбата на Коридорот 8 се очекува најдоцна до 13 август, посочувајќи дека договорот за реализација на овој проект не е направен во четири очи како што се интерпретира во јавноста, туку дека тој е одобрен во Парламентот како посебен закон.
- Коридорот 8 е многу значаен за развојот и економијата на оваа држава и е врвен приоритет, не знам точно кога ќе биде завршен, но изградбата ќе започне не подоцна од 13 август, нагласи Бектеши во магазинот „Клик Плус“ на ТВ21. сп/